На Детската клиника во Скопје вчера било примено 2,5-годишно дете со пресаден црн дроб, заразено со морбили. Директорката на клиниката, Катерина Ставриќ, вели дека ги презеле сите мерки за заштита и нагласи дека во вакви случаи морбилите може да предизвикаат сериозни комликации.
“Ова дете веќе прима имуносупресивна терапија како поддршка на трансплантацијата за телото да го прифати пресадениот орган. Поради тоа, не можеме да го вакцинираме. Примено е вчера под сомнение за морбили, а денес дијагнозата е потврдена. Детето е сместено на посебен оддел, каде што ги лекуваме заболените од морбили и е под постојан надзор”, изјави директорката Ставриќ за “А1 он”.
Трансплантацијата на црниот дроб била направена пред 1,5 година и детето постојано доаѓало на редовни контроли. Директорката Ставриќ не ја исклучува можноста детето со морбили да се заразило на Детската клиника.
“Последен пат на контрола детето беше пред две недели. Овде има заразени со морбили и можно е и тука да се заразило, иако таква можност има насекаде”, вели директорката Ставриќ.
На Детската клиника во моментот има 11 деца кои се лекуваат од морбили. Од почетокот на епидемијата од морбили починаа три деца.
Докторката Ставриќ апелира да се вакцинираат сите што не ја примиле вакцината.
“Единствен начин да ја сопреме епидемијата е вакцинацијата. Треба да се вакцинираат и деца и возрасни, сите што не се вакцинирани и не се сигурни дали прележале сипаници”, апелира докторката.