Општина Гази Баба води сметка за безбедноста на најмалите во општината. Од 15 април стартува физичкото обезбедување во сите 11 основни училишта и 2 градинки, вклучувајќи ги сите нивни 10 објекти и тоа од буџетот на општината.
По иницијатива на градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, родителите се ослободуваат од плаќање на обезбедувањето во образовните институции и целиот износ од 4 милиони денари ќе ги покрива општината од сопствениот буџет, со цел сите деца да бидат безбедни 24 часа, со физичко и патролно обезбедување.
Георгиевски по потпишувањето на договорите, пред директорите на градинките и основните училишта и членовите од агенциите за обезбедување посочи дека многу е важно родителите да знаат дека нивните деца се безбедни додека се на настава.
– Од големо значење е да се обезбеди и унапреди безбедноста во установите каде престојуваат најмладите. Да бидат безбедни додека се таму, а да бидат сигурни и сите материјали, опрема и инвентар кои им се потребни за работа и учење, затоа што во минатиот период бевме сведоци на честите кражби во образовните институции, рече Георгиевски.
Училиштата и градинките ќе ги обезбедуваат здружено три агенции и тоа Сокол, Вис и Екот гарт.