Специјализираната воздухопловна единица при Дирекцијата за заштита и спасување минатиот месец направила повеќе од 120 лета и исфрлила над 300 тони вода за гаснење на пожарите во земјава.
Од ДЗС соопштуваат дека во изминатиот период биле вклучени во гасењето пожари, од кои некои, освен врз животната средина, сериозно се заканувале и по животот на населението.
„Досега тие беа локализирани и ставени под контрола на цела територија во нашата земја благодарение на Специјализираното одделение со воздухоплови за воздушна поддршка кое во секое време е подготвено за делување“, велат од Дирекцијата.
Повеќе пожари се активни во скопско, битолско, Преспа, тетовско, охридско, Македонски Брод, велешко, штипско и кумановско. Главно се зафатени шумски појаси и суви треви, но пожарот кај Фабриката за тури „Типо“ во Драчево ја зафатил и пругата, а оштетени се и пет столба на ЕВН кај Желино, за кои е побарана интервенција на канадерите за гаснење на пожар на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во скопскиот регион гори поголема површина нискостеблеста дабова шума и трње, во местото Љуботенски бачила, а пожарот поради ветерот се шири кон местото викано Башинец. Теренот е непристапен и побарано е да дејствуваат авионите на Дирекција за заштита и спасување..
Шумски пожар има и кај манастирот „Св. Богородица“ – Матка, а поради силниот ветер тој брзо се шири. Во битолскиот регион има активен пожар кај селата Прељубје и Покрвеник.- Перово место викано Вича. Гори сува трева и трска, и неколку овошни насади, опожарена е површина од околу 50 хектари.
Пожарот во Националниот парк „Галичица“ реонот туристичка населба Сирхан-место викано Кале се движи кон село Отешево, а опожарени се околу 70 хектари, гори сува трева и нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенираат лица од Национален парк Галичица и пожарникари од ТППЕ-Ресен. Гаснењето е ограничено затоа што на местото има остатоци од експлозивни средства од Првата светска војна.
Во тетовскиот регион пожар има кај село Лакавица, општина Желино кој е се уште активен. Од единицата за локална самоуправа Желино е испратено и писмено барање до ДЗС Тетово за употреба на канадерите за интервенција за гасење на пожарот што е на тешко непристапен терен. Од пожарот се изгорени и пет електрични столбови, а селата од тој реон се без електрична енергија.
Во охридскиот регион во моментот има активен пожар во атарот на село Рамне на исклучително непристапен терен, каде гори ниска деградирана шума и смрека.
Во општина Македонски Брод се интервенира на пожар во атарот на село Ботушје каде гори дабова шума. На гаснење на пожарот интервенираат вработени од Шумско стопанство „Сандански“ и од месното население.
Во велешкиот регион активен пожар има во атар на село Црешнево. Во гаснењето на пожарот интервенираат екипа на Шумско стопанство „Бабуна“ и пожарникари од ТППЕ Велес.
Во општина Чашка има пожар во атарот на село Богомила, а екипа на Шумско стопанство „Бабуна“ интервенира со правење на заштитен појас .
Во штипскиот регион во атарот на Саса место викано Трканица Владимирово има активен пожар каде гори папрат и дабова и борова шума.
Во кумановскиот регион активен пожар има во Општина Липково во атарoт на село Никуштак кај место викано Баре.