Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, испрати нон пејпер до високите функционери на Европската унија, во кој ги информира за конструктивната улога на Алијансата со поддршка на сите процеси поврзани со интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и ЕУ со нивното гласање за прифаќање на уставните измени поврзани со преспанскиот договор. Во документот тој изразува загриженост и ја обвинува Владата дека не презела доволно мерки за исполнување на барањата на ЕУ за воспоставување на владеењето на правото во сите сегменти на политичкиот живот во земјата.
Документот е адресиран до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Фредерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан и министрите за надворешни работи за европски прашања на земјите-членки на ЕУ.
Села во нон пејперот насловен „Напади на СДСМ – ДУИ врз владеењето на правото, кршење на европските вредности во име на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ“, истакнува сериозни забелешки на владата на СДСМ – ДУИ, оценувајќи дека покажала неуспех во клучните прашања во врска со демократските и процесите за интегрирање на земјата, кои се клучни за препораките на ЕУ за добивање на датум за преговори со ЕУ.
Тој посебно се осврнува на нападот на 27 април во Собранието, реформите во судството и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и високото ниво на криминал откриени од незаконското прислушкување, реформата на службите за разузнавање и безбедност и реформата на јавната администрација.