Под мотото „Марш за видливост“, трансродовите лица маршираа од Министерството за правда низ центарот на Скопје и од овој настан упатија порака цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група. Лила Милиќ од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“, рече дека на овој начин сакаат да ги охрабат институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на правата на трансродовите лица.
„Во 2018 преку Коалицијата „Маргини“, во државата се поднесени 49 пријави на случаи на повреда на правата на трансродовите лица од кои 27 пријави се однесуваат на различни форми на насилство, 4 пријави до полиција за непостапување и 2 пријави до државни институции за вознемирување врз основ на родов идентитет. Во 2019 година нашата држава е на дното, меѓу последните држави во Европа кои немаат никаква регулатива за правно признавање на родот. Токму затоа и маршираме денеска. Неодамнешната пресуда во корист на трансродов маж од Македонија од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур испрати јасна порака – дека нашата држава има обврска да усвои законска рамка за правно признавање на родот. Потсетуваме дека притоа мора да се почитува нашиот телесен интегритет којшто е заштитен од Уставот. Апелираме институциите непристрасно и професионално да ги исполнат своите обврски со што трансродовите лица би можеле на брз, транспарентен и лесно достапен начин да добијат усогласени документи, како и сите други граѓани“, порача Милиќ од маршот.
Со денешниот марш за видливост на трансродовата заедница, иницијативата„ТрансФормА“, се приклучи кон одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, 31-ви март. Овој ден се одбележува насекаде низ светот и неговата цел е да покаже дека трансродовите луѓе постојат и бараат достоинствен живот и разбирање, рамо до рамо со сите други граѓани.
Габриела Димковиќ-Мишевска