Во Скопје денеска продолжува регионалната конференција „На патот кон европското судство: Предуслови и предизвици“ што се одржува по повод Денот на правосудството.
На дводневната конференција шеесетина судии од Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора, Полска, Србија и Словенија дискутираат за предусловите и предизвиците со кои земјите од Западен Балкан се соочуваат на патот кон примена на европските судски стандарди во нивните земји.
Според агендата за денеска е предвидена дискусија на тема „Инклузивноста на судиите во решавање на статусните прашања и можности за нејзино зголемување-компаративни искуства“, како и Свечена академија на која ќе се обратат министерката за правда Рената Дескоска, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, вршителот на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Микаела Швајзер-Блум, амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп и судијата на Врховниот суд и претседател на Здружението на судиите, Џемали Саити.