„Либералната партија е непријатно изненадена од скандалозната одлука на Уставниот суд за привремено укинување на мораториумот за градење во општина Центар. Да се потсетиме на Уставот и Член 8 во кој се вели:
Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
– Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата (алинеја 10)
Со тоа констатираме дека Уставниот суд постапил спротивно на уставното начело за заштита на човековите слободи и права и на владеење на правото.
Сите стручни анализи докажаа дека плановите не се во согласност со Генералниот урбанистички план и дека не придонесуваат за квалитетен развој, хумани услови за живот, безбедност и здрава животна средина. Граѓаните застанаа зад одлуката за мораториум, која се покажа како вистинска сила во борба против урбаната и политичката мафија.
Со мораториумот се докажа дека промени се можни и на општинско ниво и дека општините можат да се развиваат според принципи, а не според интереси на бескруполозни профитери.
Борбата против бетонирањето на јавниот простор е и ќе остане врвен приоритет, и мора да продолжи со поголем капацитет и забрзано темпо“, се вели во соопштението на Либералната партија.