Општина Охрид ги одобрила градежните активности на плоштадот Чинар во Охрид каде што минатата недела охриѓани алармираа за нова дивоградба. Иако на плоштадот се ѕида и се копа со багер, општинарите тврдат дека се работи за поставување урбана опрема. Градежниот иснпектор Слободан Дамјаноски донел решение во кое констатирал дека се спрема летна тераса. Тој денес не е достапен за објаснување како ѕидот стана урбана опрема.
Од Општината кусо изјавија дека е направен увид.
„Полиција и општински градежен инспектор излегоа на терен. Констатирано е дека нема ништо спорно бидејќи на постоечки објект прават урбана тераса и имаат одобрение за урбана опрема“, велат од Општина Охрид.
Минатиот викенд со багер се уриваше платформата на пицерија во заштитеното градско јадро
Минатата недела увид во градежните активности направи Завод и музеј Охрид. Директорката Елеонора Новаковска вели дека тие не издале мислење за проектот.
„Во извештајот испратен до инспектартот констатиравме дека имало градежни активности, рушење и отстранување на урбана опрема – затворена натстрешница. И кога се гради и кога се руши, треба да има дозвола. Кога имате урбана опрема во заштитената зона, мора да дојде проект за кој Завод и музеј Охрид, а ние треба да дадеме мислење. За таа локација, ние немаме добиено барање“, изјави директорката Новаковска и најави детали откако ќе го добие записникот од општинскиот градежен инспекторат.
Се гради веднаш зад Чинарот, увид направиле од градежната инспекција на општината и инспектори од Музеј и завод Охрид
Минатиот викенд неколкумина работници ја уриваа платформата којашто како летна тераса ја користеше локална пицерија, а Општина Охрид немаше никаков податок за градежните активности. Од Министерството за транспорт и врски објаснија дека никој не поднел, ниту може да поднесе барање за одобрение за градење, оти земјиштето е сопственост на државата.
Надлежно за издавање одобрение за градење во охридската чаршија и на плоштадот Чинар е Министерството за транспорт и врски оти просторот е дел од старото градско јадро.