„Нјујорк тајмс“ ја објави драмата која се одвивала во кокпитот на фаталниот лет ЕТ 302 на авиокомпанијата „Етиопијан ерлајнс“ кој се урна шест минути по полетувањето и однесе со себе 157 животи.
Пилотот на авионот се соочил со ситуација која барала итно враќање на аеродромот во Адис Абеба веќе три минути по полетувањето, а неговиот паничен глас укажувал дека авионот се движи со неприродна брзина.
„Break, break. Мора итно да се вратиме, рече пилотот обидувајќи се да ги избегне другите два авиони кои слетувале во Адис Абеба.
-Барам дозвола за слетување, повторувал тој.
Фразата „break, break“ се користи за контролата на лет да му даде приоритет на пораката која доаѓа од тој авион и дека екипажот се соочува со ситуација која е приоритетна односно дека на пилотот му треба помош.
Иако компанијата „Етиопијан ерлајнс“ уште во неделата објави податок дека пилотите сакале да се вратат назад, ова е прв пат да се објават детали од комуникацијата на пилотот со контролата на летот.