Помалите етнички заедници гледаат шанса нивни припадници да дојдат до поодговорни функции со формирањето на новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пратеникот од Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим, реагираше денеска дека во законот не е прецизирано кои заедници се опфатени, дали верски, ЛГБТ или етнички и праша како ќе функционира Агенцијата за унапредување на правата на заедниците помали од 20 отсто, како и секторите надлeжни во министерствата за култура и образование кои сега со измените на законите ќе бидат под надлежност на новото министерство.
Реагираше и пратеникот, Зеќир Рамчиловиќ, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека новото министерство треба да биде шанса за припадниците на помалите етнички заедници да добијат раководни функции во извршната власт и предложи со ова министерство да раководи припадник на бошњачката заедница.
Според, Артан Груби, пак, не се загрозуваат правата на ниедна заедница и рече дека во новото министерство се пресликани надлежностите на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор кој сега ќе се укине, а координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, рече дека потребата произлегла од квалитативна анализа на Охридскиот договор и од програмата на ДУИ од 2016 година. Поддршка за оваа иницијатива, како што рече тој, имало од сите партии од власта и од опозицијата.
Новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците се формира со измени на Законот за Влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Заклучокот за законските измени да одат на второ читање на матичните комисии помина со 61 глас „за“ и два воздржани. Измените на законите според предлагачите треба да стапат на сила на 1 јуни.
Галена Николовска-Ризвановиќ