СЗО: Меѓународниот здравствен правилник – ефикасен инструмент за навремен одговор при природни катастрофи

Од:

Работилница на Светската здравствена организација, посветена на процесот на заедничка надворешна евалуација на Меѓународниот здравствен правилник, усвоен од Генералното собрание на СЗО почна денеска во Скопје. Со Меѓународниот здравствен правилник земјите-членки се обврзуваат да преземат мерки и активности во однос на превенција, контрола и навремен јавноздравствен одговор при меѓународно ширење болести, соопшти Министерството за здравство.

На работилницата, како што се наведува, се обратил министерот за здравство Венко Филипче, кој рекол дека важноста на брзата детекција и координиран мултисекторски пристап ја видовме и во одговорот на природните катастрофи во Македонија, како што беа поплавите во 2016 година.

Оваа година, како и повеќе земји од регионот и Европа, посочил, се соочуваме со епидемија на мали сипаници. Нагласи дека овие три месеци државава успешно се справува со епидемијата од морбили (мали сипаници), која е прогласена во Скопје и три други здравствени региони.

– Во оваа епидемија можевме да ја тестираме важноста на постојаната комуникација и координација меѓу институциите, од една страна, како и комуникацијата на ризикот со населението од друга. Можам да истакнам дека добро и координирано постапивме во оваа ситуација на епидемија. Одзивот на вакцинацијата е навистина голем, граѓаните ја разбраа пораката дека со неа го штитиме нашето здравје и го креваме колективниот имунитет, рекол министерот Филипче.

Тој истакнал дека Република Северна Македонија ги следи препораките на Светската здравствена организација во борба со антимикробната резистентност и континуирано презема мерки за кревање на свеста преку предавања, организирање стручни конференции и креирање јавна кампања за обука на населението за рационална употреба на антибиотици, а дополнително, се врши мониторинг како земја-членка на CAESAR мрежата, како и EUCAST методологијата, со цел имплементирање нови методи.

– Министерството за здравство, максимално беше ангажирано и ажурно кога се случи страшната сообраќајна несреќа, пред еден месец на автопатот Скопје-Тетово, кај селото Ласкарци. За 15 минути беше активиран целокупниот здравствен систем и здравствените работници направија се за да ги спасат животите на тешко повредените. Мобилизирани беа специјалисти од земјава и искористени ресурсите од повеќе јавни и приватни здравствени установи, како што се: екипите од болницата „8 Септември“, Ургентниот центар, Клиничката болница во Тетово и возилата за Итна медицинска помош од Здравствениот дом во Скопје и од приватните болници „Систина“ и „Неуромедика“. Во мултисекторски пристап Министерството за здравство со МВР и Противпожарната единица успешно се мобилизираа и ги активираа сите капацитети. Посебно сум горд што во вакви тешки моменти покажавме координираност, подготвеност, стручност и професионалност, потенцирал министерот.

Воедно, на работилницата било посочено дека имплементирањето на Меѓународниот здравствен правилник е регулирано со посебен член во Законот за јавно здравје. Овој правилник поставува нови барања и обврски за земјите членки на СЗО, кои треба да развијат способност за откривање, верификација, известување и точност на информациите. Меѓународниот здравствен правилник е многу ефикасен инструмент за јакнење на врската, меѓу системите за следење на состојбите и воспоставување брзи механизми на реакција, а прифаќањето на правилникот, и постапувањето според неговите препораки, претставува клучен глобален инструмент за заштита од интернационално проширување на заболувањата, информираат од Министерството за здравство.

Би можело да ве интересира

Нова компресорска станица за четири месеци, Министерството за здравство ќе потпише договор со единствената фирма која се пријави на тендерот

СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради ширењето на вирусот мајмунска сипаница

На најдобрите студенти кои завршиле медицина ќе им биде понудено веднаш да се вработат во здравството

Таравари од првиот ден почна да ги разрешува економските директори на клиниките

Катерина Ѓуровски

Министерот за здравство бара од Владата итно да се смени компресорската станица за да проработат хируршките сали

Предраг Петровиќ

МЗ: Позитивен став кон приватните специјализанти, но решение после изборите