Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека критичарите на клубот бараат причини за да ги казнат.
Поводот за неговата изјава е истрагата на УЕФА за финансиското работење на „граѓаните“.
По информациите на „Шпигел“, од каде што дознавме како Сити ги прекршува правилата, од европската фудбалска централа и Премиер Лигата започнаа истрага.
– Луѓето притискаат и сакаат да најдат нешто лошо. Тие сакаат да го омаловажат она што го постигнуваме. Не сум премногу загрижен што ќе речат луѓето ако ја освоиме титулата, бидејќи она што се случува со УЕФА – тие не ги признаваат нашите достигнувањата, изјави Каталонецот.
Германското издание „Шпигел“ објави серија обвинувања против Сити врз основа на стекнати документи. Тие покажуваат како клубот го прекршил финансискиот ферплеј. Списанието исто така тврди дека „граѓаните“ платиле 200.000 фунти на агентот на Џејдан Санчо кога играчот имал 14 години.