Младата Американка Микаела Шифрин е победничка во последната трка во женска конкуренција која денеска се возеше во дисциплината слалом на Светското првенство во австрискиот зимски центар Шладминг.
Шифрин е една од трите скијачки во светот кои на 17-годишна возраст успеале да освојат злато на слаломска трка на Светско првенство.
Времето на победничката по двете трки изнесуваше 1:39.85.
Шифрин по првото возење беше трета, но со одлична втора трка се искачи на највисокото место на пиедесталот.
Домашната натпреварувачка Михаела Кирхгасер со 22 стотинки заостанување се пласира на второто место и е носителка на сребрениот медал.
На подиумот место имаше и за освојувачката на бронзениот медал, третопласираната Фрида Хансдотер (Шведска) која за 26 стоти делови од секундата беше поспора од Шифрин.
Хансдотер не успеа да го повтори возењето од првата трка по која беше водечка.
Светското првенство во Шладминг завршува утре со последната трка во машка конкуренција во дисциплината слалом.