Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, во која вели дека во нашето општество сè уште има области во кои преовладуваат конзервативните и премногу застарени принципи за улогата на жената.
Тоа го менуваме и посветени сме се до постигнувањеа целосна правична родова еднаквост, вели премиерот и додава дека доколку не се направи тоа се намалува потенцијалот за прогрес во општеството.
„Денеска е денот кога треба да им дадеме гласност на пораките дека без потполна родова еднаквост нема ни демократија, ниту социјална правда. И не само денеска, овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност и видливост, секој ден. Мораме да ги охрабриме застапниците на борбата против родовата нерамноправност и сексизмот за да ги запреме сите видови неправда во општеството зашто борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество“, стои во честитката на Заев.
Премиерот додава дека кога жените губат, губиме сите ние и порачува дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции.
„Образованите, еманципираните жени полесно ќе го движат нашето општество напред! Правото на глас, избор и еднаквост треба секојдневно да се негува и унапредува сè додека не стане наше секојдневие“, порачува Заев и нагласува дека заедничкото општество е силно колку што е силна жената во него.