Управувачки комитет за координација и управување во системот за управување со кризи: Издадени се препораки за соработка на институциите за превенција и раното предупредување и справување со пожарите
Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој претседава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска одржа седница по повод претстојната летна сезона, појавата на високи температури и можноста од појава на евентуални пожари на територијата на Република Северна Македонија, а со цел нивно навремено спречување од појава или ширење.
Имајќи ги предвид предлозите изнесени за време на расправата на седницата од членовите и другите присутни лица по однос на оваа тема, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на 11-та седница предложи мерки и препораки до надлежните институции, согласно кои Центарот за управување со кризи, во најкраток можен рок, треба да формира Оперативно координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период, со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП Национални шуми, Шумската полиција и ЗЕЛС.
На состанокот беше препорачано Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку оцени за потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите во шумскиот појас, (по процена во определен период од денот), со одредени исклучоци, како што е организирана тура на туристи за туристичкото разгледување на шумите во шумскиот појас и националните паркови во Република Северна Македонија, во придружба на претставник од ЈП „Национални шуми“ или националните паркови.
Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе треба соодветно да ја информира јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување на шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување на пожари согласно одредбите од Законот за шуми.
Во таа насока, е и препораката на Државниот инспекторат за земјоделство, во координација со Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да преземаат мерки за превенција од пожари предизвикани од палење на стрништа, и засилени контроли
на терен во претстојниот летен период, како и да биде вклучено и ЈП за стопанисување со пасиштата, кои преку своите служби, треба да ги известат корисниците на дивечот во ловиштата и корисниците на пасиштата, за можна потреба од нивно превентивно вклучување во заштита од евентуалана појава на пожар.
Препораките на Управувачкиот Комитет го вклучуваат и ЈП Национални шуми, кое треба да изготви оперативни планови за заштита од шумски пожари, да изврши распоредување на сите мобилни екипи на шумската полиција на терен, со цел обезбедување на засилени контроли во претстојниот период, додека Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумската полиција треба да го интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.
Управувачкиот Комитет им препорача на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и на сите единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ја зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е 24 часа достапен на целата територија на Република Северна Mакедонија, и да ги ажурираат податоците за ресурсите од јавните претпријатија и трговските друштва во нивна надлежност кои може да се стават на располагање во случај на потреба и појава од пожари на отворен простор.
ЈП Македонски железници инфраструктура, МЖ транспорт АД Скопје, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и ЈП за државни патишта, веднаш да го отстранат горливиот материјал (сува трева и ниски растенија) во близина на пругите, односно на железничките правци и на автопатиштата каде што постои изразена опасност од опожарување.
На седницата присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министер за надворешни работи Никола Димитров, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена Агрон Буџаку, како и членови на Дирекцијата за заштита и спасување, претставници од Центарот за управување со кризи и од Министерството за одбрана, претставници од ЈП Национални шуми, шумска полиција, претставник од Министерството за здравство, како и претставник од ЗЕЛС.