Изложба на ракотворби од тиквешките жени

Од:

„Ракотворбите на жената во Тиквешијата” е насловена изложбата која денеска беше отворена во Кавадаречкиот музеј. Авторот, кустос-етнолог Томе Крстевски рече дека народните носии во Тиквешијата имаат многувековна традиција.

Посочи дека создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ, тие во долга низа години се пренесувале од поколение на поколение и во својот развоен пат во себе вклопиле многу елементи од разни културни влијанија.

– Жената со својата работа дава основна карактеристика на ракотворната дејност, која е присутна во сите фази од процесот на обликување на народните носии и е посебно изразена кај орнаментираните ткаенини. Тие се застапени во бројни варијанти, со најразличен декоративно- орнаментален третман и ликовно-естетски ефект. При изработка и обликување на ракотворбите главното место го имала жената, бидејќи целокупната активност речиси ја имала самата таа, почнувајќи од предавањето на суровините, бојосувањето на преѓата, изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето, до украсувањето и китењето. Волната, конопот, ленот, памукот, во помала мера и свилата, обработувани на стар традиционален начин, се основните суровини кои имале голема примена за изработка на ракотворбите, нагласи Крстевски.

Жената творец на ракотворбите за изложбата, нагласи тој, преку најразличните мотиви, а со тоа и симболите што ги користи, ни прераскажува дел од својот живот, од раѓањето, бракот и умирачката. Односно, животниот циклус од традицијата на македонскиот народ на етничкиот предел Тиквеш.

– Ова е наш обид за потсетување на некои минати денови, кога вредните раце на нашите жени везеле, плетеле, ткаеле, во нив ја внесувале тагата, маката, љубовта, радоста и се што го чини животот. Преку вредните раце на жената, со изложбата ве потсетуваме на едно изминато време, во кое тие вложиле труд, но и љубов за да го разубават својот и животот на тие околу себе. Со тоа оставаат траен белег во нашето национално богатство. Допирот на умешните раце на жената создале уникатни дела вредни за восхит и почит. Вистинска убавина е излеана во ракотворбите на жените кои оставаат посебен белег во времето, кој ќе остане засекогаш врежан во нашата историја, да сведочи за македонскиот идентитет. Овие жени се амбасадори, афирматори и презентери на нашето национално, традиционално и историско минато. Неминовно во динамиката на живеењето, современата жена има многу обврски и нема време да ги создава и да ги одржува низ домот. Но, кога ќе се отворат вратите од плакарите, се враќа споменот од минатото, спомен на нашите баби и мајки кои макотрпно ги создавале овие ракотворби, додаде Крстевски.

На значењето на изложбата во чест на утрешниот празник на жената се осврна и директорката Весна Ѓорѓиева, а пред присутните се обрати и Виолета Димитрова, советник во Советот на Општината.

За педесетината изложени експонати Димитрова рече дека се сведоци на високите креативни способности на македонската жена.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

Изложба „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска во Битола

„Уживање“ – изложба на Марта Патлиџанковска и Лусиана Ампева во Галерија МКЦ

А1он

Во галеријата КО-РА отворени изложбите на Петра Јовановска и на Рафаел Ристовски