Христијан Санев: ДЛУМ го оправдува своето постоење и кредибилитет

Од:

Членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) денеска на Годишно собрание во Скопје избираат ново раководство – претседател и нови членови на Управниот одбор и на Уметнички совет на ДЛУМ.

Кандидати за нов претседател на Друштвото се Јана Манева-Чупоска и Филип Фидановски, двајцата се долгогодишни членови, веќе биле во некое од управните тела на ДЛУМ, а се и наградувани уметници. Гласањето ќе биде тајно.

Водството на ДЛУМ еден од нив ќе го преземе од досегашниот претседател Христијан Санев, кој за МИА изјави дека е задоволен од постигнатото во ДЛУМ во неговиот четиригодишен мандат, посочувајќи дека успеале да го етаблираат финансиски и технички. Верува и се радува, рече, дека неговиот наследник ќе ги продолжи успесите на Друштвото.

– Успеавме да поставиме база со која ДЛУМ ќе може финансиски да функционира понатаму и така им го оставаме сега на новите управни тела. Од ликовен аспект, успеваме да ги обновиме контактите со другите здруженија од поранешна Југославија и потпишавме меморандум за соработка. Она што е можеби најголемата завршена работа е што ДЛУМ во нашиот мандат успеа да стане рамноправен член на светските ликовни здруженија кои се под УНЕСКО и ги уживаме истите права што ги имаат и тие. Стекнавме право за персонализирани картички кои ни ги отвораат вратите на музеите надвор и ќе може бесплатно да влегуваме или да плаќаме минимална котизација. Ако по 70 години од постоењето на Друштвото успеваме да го направиме и ова, значи дека тоа е заслужено и неговото постоење и кредибилитет се оправдуваат, истакна Санев за МИА.

Задоволен е и што во неговиот мандат ДЛУМ има неколку нови проекти – Графичко интернационално биенале, кое втора година се одржува во Скопје и има над сто домашни и меѓународни учесници, „Фемина 8“ кој веќе има и странски учесници, новиот проект „Поместени граници“. Од лани изложбата на минијатурни дела „Мал формат“ ДЛУМ успеа да ја направи интернационална и имаше 120 учесници, а селектор на познатиот „Зимски салон“ во 2018 година беше Никола Шуица, куратор на павилјонот на Србија на Венециското биенале.

ДЛУМ има околу 350 членови, од кои половината се активни. Во однос на статусот што ликовните уметници го имаат во земјава, Санев вели дека преживуваат, а ја снемува и колегијалноста меѓу нив и соработката за нови идеи.

-Генерално, а верувам се согласуваат и други со моето мислење, културата ни е падната на многу пониско ниво и треба сите заедно да се заложиме да го подигнеме. Најголемиот проблем кај нас, ликовните уметници, е тоа што се изгуби колегијалноста, се изгуби довербата и идејата: „ајде да направиме нешто“, па после три години тоа да ни даде успех.

Секој од разни причини – политички, социјални, економски, гледа да преживее и сам да си се затвори во некоја чаура, а сакаме да имаме здружение или некоја поголема активност, додаде Санев.

Би можело да ве интересира

Скопски урбани приказни – во 5 и 17

(ВИДЕО) Пендаровски: ДЛУМ останува да биде едно од најзначајните јадра на културните политики

Ана Ололовска

Јубилејна изложба на ДЛУМ по повод 75 години од основањето

Изложба „Мал формат“ 2020 на ДЛУМ

Ана Ололовска

Отворена „Годишната изложба“ на ДЛУМ

Ана Ололовска

Изложба „ДЛУМ нова генерација на млади“ во Арт Хаб

Ана Ололовска