Повеќе од петстотини припадници на венецуелските вооружени сили ја напуштија војската и пребегнаа во Колумбила откако на 23 февруари не успеа да влезе хуманитарна помош во земјата на барање на опозицијата, соопшти вчера колумбиската миграциска служба.
Повеќе од тие 567 војници и полицајци „кои се обратиле за помош на колумбиската миграциска служба“ влегле преку колумбиските реони Северен Сантандер и Араука, долж границата со Венецуела.
Миграциска служба, која не ги наведува чиновите на дезертерите, го обработува секој поединечен случај и за тоа време на секој му издава пропусница за привремен премин.
– Ако не ја загрозат безбедноста на земјата, се води постапка за одобрување азил, изјави директорот на службата Кристијан Круегер.
Лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, кого за привремен претседател на Венецуела го признаа околу 50 земји, вклучувајќи ја и Колумбија, вети амнестија за војниците и полицајците, кои ќе го напуштат Николас Мадуро.
Првите заминувања од армијата беа забележани во саботата, откако Гуаидо од Кукута објави поминување на камиони со десетици тони храна и лекови, кои беа испратени на негово барање од САД, а од 7 февруари тие се ставаат во магацини.
Но, конвоите мораа да се вратат во вечерните часови поради затворањето на границата, по наредба на режимот, што се претвори во насилство. Најмалку четири лица загинаа, а стотици беа повредени на границата со Колумбија и со Бразил, каде што помошта, исто така, се чека.
Венецуела има околу 365.000 војници и полиција и 1,6 милиони цивилни полицајци.