Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски денеска оствари средба со делегација на Грчкото Министерство за надворешни работи предводена од Јанис Брахос, Генерален секретар за меѓународни и економски односи.
На средбата беа разгледани можностите за унапредување на соработката во сите области од заемен интерес,а посебно на економски план. Двете страни ставија акцент на придобивките од Преспанскиот Договор и неговата натамошна имплементација во функција на интензивирање на севкупната соработка меѓу двете пријателски и соседни земји.
Притоа, беше постигната заемна согласност да биде изработен Акционен план во кој ќе бидат нотирани активностите во претстојниот период, а кои ќе придонесат за оформување на договорната рамка на соработка, како и временската рамка за идните чекори за нивна имплементација.
Државниот секретар Димовски беше домаќин и на работниот ручек за грчката делегација на кој беа поканети и градоначалниците на општините од пограничните региони со Република Грција на која беше разговарано за можностите за воспоставување поблиска сoработка со грчките погранични општини како и за користење на грчките искуства при апликацијата за европските фондови за погранична соработка.