Продолжува акцијата за доделување субвенции за чистење на оџаците со цел намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух. И годинава Град Скопје објави јавен повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на град Скопје за чистење оџаци.
Со овој повик Град Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик може да учествуваат физички и правни лица, чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на град Скопје.
Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот прв дојден, прв услужен, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за годинава.
Целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ 10 и ПМ 2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред сè, поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоци за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализира и во 2018 година кога беа доделени 269 субвенции.