Конференција во Атина за европската перспектива на Западен Балкан и улогата на Грција

Од:

За европската перспектива на земјите од Западен Балкан и улогата на Грција дискутираа професорот и поранешен вицепремиер и амбасадор Васко Наумовски, професорот по меѓународна политика од грчкиот универзитет „Димокритио“, Сотирис Сербос и дипломатот и поранешен амбасадор на Албанија, Арбен Чејку, на конференцијата во Атина организирана од Фондацијата Конрад Аденауер и грчкиот Институт за меѓународни односи, јави дописничката на МИА од Атина.

Професорот Наумовски се задржа на процесот на проширување на Европската унија истакнувајќи дека Грција има потенцијал да биде лидер на Балканот.

-Мислам дека Грција има докажано дека може да има лидерска улога и може да биде гласот на Западен Балкан во внатрешноста на Европската унија и во следните години ќе има можност уште еднаш да го покаже тоа, рече поранешниот вицепремиер.

Како евентуални можности за негативно влијание на процесот на проширување на Европската унија, Наумовски ги спомена претстојните евроизбори и веројатноста националистичките партии да добијат голем број претставници во европскиот парламент, но и не ја исклучи и можноста за нов бран мигранти во текот на годината.

Одговарајќи на прашање за очекувањата доколку во Грција се смени власта, Наумовски изрази надеж дека нема да има значајна промена во позициите.

-Се надевам дека нема да има значајна промена, токму поради тоа што патот на регионот кон комплетна европска интеграција е нешто што ги обединува сите земји од регионот, од една страна, а од друга страна е нешто што ги обединува сите различни партии во земјите од Западен Балкан. Во однос на Грција, се надевам, како што реков, дека нема да има значајна промена и дека придобивките од добрососедските односи ќе ги види и идната грчка Влада, рече Наумовски и додаде дека постојат големи можности за соработката, не само со Грција, туку и со другите земји од регионот, во образованието, прекугранична соработка и сл.

Професорот Наумовски, но и неговиот колега од Грција, професорот Сотирис Сербос истакнаа дека не треба во иднина да се продолжи со тактиката Европската унија да се преправа дека работи на проширување, а земјите кандидати да глумат реформи.

Професорот по меѓународна политика од грчкиот Универзитет „Димокритио“ рече дека сѐ додека е жива европската перспектива на земјите од регионот, балканските држави можат да ја подобрат ситуацијата во внатрешноста на земјите.

Сербос се осврна и на Договорот од Преспа и неговата важност и рече дека може да биде поттик за решавање на билатералните проблеми во регионот.

-Договорот од Преспа освен позитивната геополитичка слика, ги зајакнува како територијалниот интегритет, така и внатрешната кохерентност во Северна Македонија. За Грција, нуди можност да ја стави тежината на напредокот и иднината, секако од моментот кога ќе се искористат можностите за изградба со соседната земја на еден стратешка кооперација на повеќекратно поврзување. Не е само договор за името, зборот стратешка кооперација не беше доволно потенциран во јавниот дијалог, рече професорот Сербос и додаде дека е потребна поголема екстровертност од Грција.

Во однос на нашето членството во НАТО, тој рече дека тоа ги намалува иредентистичките сценарија на други земји од регионот.

Поранешен амбасадор на Албанија во Скопје и Приштина, Арбен Чејку осврнувајќи се на улогата на Грција, ја спомена солунската агенда од 2003 година за земјите од регионот, објасни дека финансиската криза неколку години подоцна била пречка, но сега, земјата успеала да надмине две бариери – кризата и решавањето на спорот со името.

-Тоа е добар пример за нашиот регион, за другите, дека потребен е дијалог. Во овие услови, очекуваме поенергична улога на Грција во европската перспектива за Западен Балкан. Не само поради тоа што Грција е сосед на Албанија и Македонија, туку како триаголник можеме заедно да решиме многу работи, со вашето искуство може да решиме внатрешни проблеми во однос на реформите и условите побарани од Европската унија, рече Чејку, пренесе МИА.

Би можело да ве интересира

Грчката Сириза избра нов лидер: Сократис Фамелос на чело на поранешната владејачка партија

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција