Одборниците од редовите на српската опозиција во Собранието на Град Белград ја бојкотираат денешната седница, согласно „Договорот со народот“, со кој се обврзаа дека ќе ги напуштат државните и локалните собранија и најавија дека од сега ќе разговараат само директно со граѓаните.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, опозициските одборници поставија транспарент пред белградската градска администрација на кој пишува „Еден од пет милиони“, што е мото на граѓанските протести, и најавија дека нема да влезат во зградата.
Заменик-координаторот на Одборничката група на Сојузот за Србија (СзС) и потпретседател на Народната партија (НС), Никола Јовановиќ изјави дека опозицијата жестоко се борела во Градското собрание и најави дека против системот ќе се борат уште посилно.
– Сметаме дека е поважно да се биде со народот на улица, отколку во сала со оние кои го гледаат Белград само како плен и кои го мразат, изјави Јовановиќ.
Одборникот на Движењето на слободни граѓани (ПСГ),
Павле Грбовиќ нагласи дека претставниците на Српската напредна партија (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе мора да учестваат сами на „срамна седница“, бидејќи опозициските претставници ќе ги бојкотираат сите следни седници на градското Собрание.
– ПСГ се приклучи на Асоцијацијата на слободни одборници и учествуваше во нејзиното формирање. Целта на оваа Асоцијација е да се отстрани пречката меѓу граѓаните и опозициските одборници, еднаш засекогаш, рече Грбовиќ.