Најдобриот американски скијач Тед Лигети го освои третиот златен медал на Светското првенство што се одржува во австрискиот ски-центар Шладминг.
28-годишниот Лигети на денешната трка во дисциплината велеслалом беше водечки по првата трка со предност пред конкурентите поголема од 1,3 секунди, што на крајот се покажа како доволно за вкупен триумф.
Вкупното време на денешниот победник по двете трки изнесуваше 2:28.92.
Второто место и сребрениот медал му припаднаа на домашниот натпреварувач Марсел Хиршер со заостанување од 0,81 секунда, додека третопласиран и носител на бронзениот медал е Манфред Мелг (Италија) кој имаше 1.75 секунди поспоро време од Лигети.
Претходно, Американецот на ова првенство победи и во дисциплините суперкомбинација и супервелеслалом.
На денешната прва трка се појави и Македонецот Антонио Ристевски кој со 11.27 секунди послабо време од водечкиот Лигети го освои 51.место и не се квалификува за настап во втората трка. Ристевски на патеката се појави со стартен број 75.