ВМРО-ДПМНЕ прифаќа продолжување на рокот за листите, но не и одложување на локалните избори

Од:

ВМРО – ДПМНЕ го повтори она што го соопшти утрово дека не постои теоретска можност за каков било договор со СДСМ во кој се споменуваат предвремени избори во која било опција и во која било варијанта, ниту, пак, постои можност за пролонгирање на датумот за одржување на локалните избори.

Сепак, ВМРО – ДПМНЕ му нуди на СДСМ можност ако се согласат вечерва до 19 часот, законски да се продолжи рокот за доставување на советничките и градоначалничките листи за 3 до 4 дена, но не и рокот за одржување на локалните избори.

Како што стои во реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ на прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, овој одговор е со цел да не му се остави можност на Црвенковски да си создава дополнително алиби пред цела јавност, со тоа дека нема време за подготовка на советничките листи или за евентуални измени на изборниот закон, доколку се оцени дека е потребно согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и оти веќе е во цајтнот и од таа причина нема да учествува на локалните избори.

– Евентуални измени на изборниот закон, доколку се констатира потреба од тоа, се можни да се случуваат во тек, за тоа има законска можност и тоа воопшто не кореспондира со поднесувањето на советнички листи и кандидатите за градоначалници, се вели во реакцијата и уште еднаш се потсетува дека оваа понуда важи до денес до 19 часот.

Доколку и ова не се прифати, оценуваат од ВМРО – ДПМНЕ, јасна е намерата дека Црвенковски бега од избори и соочување со народот, и јасно е дека одработува за некого и се бори за својата лична кариера, наспроти запазување на државниот интерес.

Што се однесува до враќањето на мандатите, ВМРО-ДПМНЕ смета дека со свесното создавање ваква политичка криза и одработување за туѓи интереси, СДСМ веќе одамна го врати мандатот, не кај претседателот на Собранието, туку кај народот, кој сигурно повеќе нема да им го довери назад.

Во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ информираат дека остануваат на претходно објавениот пакет за излез од оваа ситуација, кој претседателот Никола Груевски го понуди на 12.02.2013 година.

– Од денешната прес-конференција гледаме дека претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски се уште живее во 90-те години, кога за политички противник го имаше Љубчо Георгиевски, кога на месечна база си ги мереа суетите на таканаречени мачо прес-конференции и јавно се докажуваа кој е посилен и кој е побестрашен, а притоа без да изнесат суштина и без посебна цел, стои во реакцијата и се порачува дека тоа време е одамна поминато.

Се подвлекува дека денеска се разговара за конкретни проекти, програми, реформи, мерки, суштина и денес од другата страна, Бранко Црвенковски има стабилен противник кого не може да го испровоцира со маалски прес-конференции.

– Имено пред два месеци ни зборуваше дека ни е многу важен буџетот, заштедите, долгот на Македонија, за по некое време експресно да заборави на буџетот, тема, која не се спомнала воопшто подолг период, и на крај да произведе ситуација со која ќе не повикува да видиме кој би освоил еден глас повеќе на советничките листи. А буџетот? А долгот? Тоа нормално се заборави, затоа што беше измислена тема со цел да се предизвика инцидент во и пред Парламентот и хаос, се подвлекува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

На Црвенковски му соопштуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија и стои до јавно искажаниот збор.

– ВМРО-ДПМНЕ во целиот изминат период има константен став, кој не го менува секоја недела како СДСМ, затоа што нашиот став се води од принципи, наместо како кај СДСМ од дневно политички интерес, се истакнува во реакцијата.

Последен пат утрово ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потсети СДСМ за нивните позиции.

– Тие добро знаат дека ние сме партија која не менува став во текот на денот и затоа излегуваат со вакви алиби прес конференции, со кои сакаат да си обезбедат аргументи пред членството, функционерите од нивната партија, коалициските партнери и меѓународната заедница, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ на прес – конференцијата на Црвенковски.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар