Пилотот на Ферари во Формула 1, Шарл Леклер се обиде да го минимизира статусот на својот тим како фаворит по првите зимски тестови во 2019-та. Французинот забележа дека во ова време на годината сите тимови се обидуваат да не ги откриваат до крај своите адути.
Вчера заврши првата четиридневната серија тестирања, а уште пред нејзиниот крај, од Ред Бул и Мерцедес зборуваа за предноста на „Скудерија“ од половина секунда во рамките на една обиколка.
– За време на овие тестови секогаш има многу блефови, па не треба да се потпираме многу на постигнатите времиња. Сигурен сум дека Мерцедес не ги откри сите свои карти, исто како и ние. Знаеме дека имаме силен автомобил, но не знаеме колку се добри нашите противници, изјави новиот пилот на Ферари.
Во исто време, пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен очекува Леклер да покаже сериозен отпор на својот тимски колега во Ферари – Себастијан Фетел.
– Мислам дека ќе биде така поради тоа што Шарл е многу брз и интелигентен. Да, тој го нема искуството на Фетел, но во секој случај, очекувам да биде побрз од Кими Раиконен, предвидува Верстапен.
Самиот Леклер додаде дека луѓето не треба да заборават дека ова е само негова втора сезона во Формула 1.
– Ми треба време да пораснам во мојата нова улога. Јас не одам во Австралија за да запишам прва победа. Мојата цел е прво и основно да ја завршам мојата работа добро, додаде талентот роден во Монако.