Општина Карпош отвори нов Клуб за пензионерите од Влае. Новото катче за социјализација и дружење на највозрасните е лоцирано во Порта Влае.
Од Општината велат дека новите простории овозоможуваат подобри услови за престој на пензионерите, нивна меѓусебна комуникација и социјализација.
Денеска клубот го посети и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
„Вие сте се грижеле за нас помладите и денеска наша обврска е ние да подадеме рака кон вас. Нашата цел е овие клубови да прераснат во места на меѓугенерациска дружба. Затоа, предвидуваме и посети од страна на учениците од основните училишта, работилници за изработка на ракотворби, едукативни предавања за превенција од различни болести, шаховски натпревари“, рече Богоев.
Градоначалникот Богоев на пензионерите им додели и друштвените игри за клубот (шах, табла, домино), како и повеќе фотографии од Карпош, со цел да се разубави внатрешноста на просторот. Овие нови катчиња за пензионери овозможуваат различни содржини за повозрасните, активности и програма која ја поттикнува комуникацијата меѓу пензионерите.
Општината најави дека во претстојниот период, сличен ваков клуб ќе се отвори и во Бардовци. Новите пензионерски клубови се дел од програмските активности на Општината за 2019 година.