Петерле: По исклучително важниот Преспански договор, Северна Македонија да се насочи кон реформите

Од:

„Преспанскиот договор“ беше постигнат преку тешки преговори и чувствителни отстапки, кои не беа ниту едноставни ниту лесни. Постигнувањето договор е значајно бидејќи отвора многу врати за Северна Македонија, особено во однос на евроатланската интеграција, изјави словенечкиот европратеник Алојз Петерле во интервју за порталот Јуропан Вестерн Балканс.

– Процесот за членство во НАТО е во тек, бидејќи националните парламенти во моментов ги ратификуваат договорите за членство, процес што треба да заврши во текот на годината. Исто така, можеме да предвидиме дека преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија ќе се отворат во јуни оваа година, сега кога Грција повеќе нема да става вето во Советот. Тоа се две достигнувања кои, и тоа како, ги заслужи земјата, која е премногу долго во чекалната.

На прашање на што треба да се фокусира власта, сега откако Преспанскиот договор е постигнат, Петерле истакнува дека постигнувањето на договорот, процесот на одобрување и спроведување на Преспанскиот договор ја пренасочи речиси целата политичка енергија во земјата во најголемиот дел од годината. – Сега, кога ова поглавје е затворено, земјата треба да се врати на процесот на реформи со истата енергичност и посветеност демонстрирани за време на преговорите. И сега постои мал напредок во однос на независноста на правосудството, загриженоста за слободата на медиумите постои, а во борбата против корупцијата сè уште има многу да се направи. Влада посветена на владеењето на правото мора да биде во можност да се фокусира на повеќе од едно прашање во исто време, потенцира Петерле.

Што се однесува на Мешовиот парламентарен комитет меѓу ЕУ и Северна Македонија, кој не одржа средба меѓу декември 2015 и февруари 2018 година, Петерле појасни дека во тој период не била организирана средба од многу причини – од парламентарен бојкот до оспорувани избори и коалиции.

– Нема проблем од страната на Брисел. Ние всушност трпеливо чекавме да завршат внатрешните несогласувања. Ако сите партии и натаму покажуваат политичка зрелост и не се потпираат на бојкоти и други деструктивни методи како политички алатки, не гледам причина зошто МПК не би требало да продолжи да се состанува во редовен формат, што ќе резултира со конструктивен дијалог за напредокот и реформите. Едно нешто треба да биде јасно за сите земји-кандидати: тие не треба да ги увезуваат своите проблеми во ЕУ. Во моментов имаме свои проблеми за да служиме како арбитар за новите членки, појаснува Петерле.

На прашањето дали Северна Македонија, која има кандидатски статус од 2005 година, може да го заврши процесот на пристапување пред други земји од регионот кои веќе ги отворија преговорите, Петерле вели: Процесот на пристапување не е конкуренција, туку станува збор за спроведување реформи кои го штитат владеењето на правото и гарантираат подобра иднина за граѓаните. Фокусирајќи се на тоа која земја „победува” воведува дискурс што ги поттикнува реформите, наместо да ја истакне нивната имплементација како крајна цел за европска интеграција. Јас сум оптимист за тоа што Северна Македонија може да постигне сега, откако го реши спорот за името и се надевам дека го имаме истиот оптимизам за поширокиот регион.

Кога станува збор за евентуална промена на политиката на проширување по изборите за Европарламентот во мај, словенечкиот европратеник не очекува дека тоа ќе биде значен дел од која и да е политичка платформа на претстојните избори, освен кај оние кои имаат за цел деградирање и девалвирање на европскиот проект преку ширење страв во однос на новите членки.

– Сепак, се надевам дека динамиката на која неодамна бевме сведок ќе продолжи и во следниот мандат и дека ЕУ ќе започне да ги исполнува ветувањата додека регионот ги спроведува реформите. Ако очекуваме конзистентност и сигурност од нашите партнери од Западен Балкан, треба да бидеме подготвени да дејствуваме на ист начин и да го почитуваме нашиот дел од договорот. Членството на земјите од овој регион би значело комплетирање на европскиот проект, бидејќи тие се историски, географски и културолошки дел од Европа, потенцира словенечкиот европратеник во интервјуто за Јуропиан Вестерн Балканс.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Сакаме добрососедски односи со Северна Македонија, но не толерираме селективно усогласување со меѓународното право

Герапетритис: Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, имаме средства за дополнителен притисок

Државниот врв во Северна Македонија систематски го крши Преспанскиот договор, Грција ги повторува обвинувањата

Катерина Ѓуровски

САД: Ќе работиме со Северна Македонија и Грција да го одржaт Договорот од Преспа

Мицотакис: Грција нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика

Мицотакис ќе го отвори прашањето за непочитување на Преспанскиот договор на самитот на НАТО, нема потврда за средба на премиерите