Обвинителството се уште нема податоци дали и кој ја има одговорноста за сообраќајната несреќа кај Ласкарци каде загинаа 15 луѓе, соопшти јавниот обвинител Љубомир Јовески. Од Обвинителството велат дека возачот на автобусот бил мета на следење и добивал закани по живот.
„Постои сознание во Обвинителството дека возачот добивал закани по живот. Апелирам да се почитува пресумцијата на невиност, особено во делот на заканите кон возачот. Обвинителството сеуште не може да ја посочи вината кај некое лице. Преземени се повеќе мерки за утврдување на причините за несреќата. Се вршат вештачења. Откако Обвинителството ќе ги има доказите, ќе соопшти кои се причините и евентуалната одговорност на сторителите на кривичното дело. Се сослушуваат сведоци. Нема податоци кој ја има одговорноста за несреќата“, вели обвинителот Јовески.
Според Јовески, Обвинителството не ги добило сите материјали кои биле побарани од компанијата „Дурмо-турс“ во чија сопственост беше патничкиот автобус. Тој додаде дека возачот на автобусот е еднаш сослушан, а ако треба повторно ќе го повикаат. Јовески повика да се почитува пресумцијата на невиност, а пријавите за говор на омраза кои се поднесени од МВР, сеуште се разгледуваат.
Кристијан Ландов