Германскиот пилот на Ферари, Себастијан Фетел очекува неговиот нов тимски колега, Шарл Леклер да биде рамноправен ривал во претстојната сезона во Формула 1.
Фетел, кој во последните две сезони беше единствениот конкурент на Луис Хамилтон во борбата за шампионската титула, изјави дека очекува Леклер да го стави „под притисок“.
Запрашан како гледа на Леклер, Фетел одговори: „Како на рамноправен ривал“.
– Постојат причини зошто е во Ферари и јас мора многу сериозно да го сфатам тоа. Секогаш има многу ривалство со тимскиот колега, но приоритет е заеднички да му помогнеме на тимот да напредува. Се разбира, подолго сум од него овде, можеби на почетокот ќе има различни работи, но тој е добар човек и се надевам, во позитивна смисла, дека ќе го остават на мир сам да си ја врши работата. Сигурен сум дека ќе биде доволно брз, за да ме стави под притисок. Ќе видиме што ќе се случи, вели Фетел, цитиран од „Скај“.
Фетел вчера во Барселона беше најбрз на предсезонските тестирања, а денес по првиот дел, најдобро време постигна Леклер.
– Се уште не го знам Леклер како тимски колега, сите се различни, но јас нема дополнително да ги комплицирам работите, јас ќе бидам искрен. Јас нема да почнувам никакви проблеми и не очекувам тоа да го прави и Шарл. Нему му е многу возбудливо да го вози автомобилот од неговите соништа и јас можам да го разберам тоа. Иако долго време сум тука и понатаму сум истиот, вели четирикратниот светски шампион.
Новата сезона во Формула 1 започнува со трката за Големата награда на Австралија на 17 март.