Во актуелните околности стравувам дека гласањето за Извештајот за земјата во Европскиот парламент нема да биде поволно. Морам да кажам со жалење дека размислувам за можноста да се одложи гласањето за мојот извештај со оглед на сегашните околности во земјата, изјави на денешната прес-конференција во Скопје известувачот на Европскиот парламент за Македонија Ричард Ховит.
– Ова ќе претставува уште една загубена шанса да се влијае врз заклучоците на Европската комисија во април и одлуката на Европскиот совет што ќе следи потоа и жалам доколку ова навистина се случи. И натаму се надевам дека тоа нема да биде случај и дека политичките партии во земјава ќе можат да најдат начин да ги стават на прво место интересите на земјата, оцени Ховит на завршната средба со новинарите по средбите со сите политички партии за време на престојот во земјата.
Обраќајки се како што вели до народот на земјата, посочи оти иако е целосно посветен на европската иднина на земјата, чија стратешка цел е членство во ЕУ, никој тоа не може да го сака повеќе од нас самите.
Тој рече дека го поддржува предлогот за формирање експертска комисија која ќе ги истражи настаните од 24 декември и оти нема однапред да го определува резултатот од нивната работа со тоа што ќе се каже кој е виновен. Но, посочи, оти перцепцијата за тоа што се случи на 24 декември го поткопува демократскиот кредибилитет на земјата и дека Европскиот парламент не верува во бојкот на избори во оваа или во која било друга земја.
Изрази уверување дека се уште постои можност политичките несогласувања да се надминат.
– Што се однесува до крајниот рок, кој истекува во сабота и потребното мнозинство да се измени регулативата во следните денови, сакам да кажам дека ова не е техничко прашање,туку прашање на политичка волја, а мојата порака е доколку се појави таква политичка волја да се надмине спорот, се уште е можно спорот да се реши, рече Ховит.
Во однос на експертската комисија тој сугерира дека таа мора да го разгледа прашањето одговорно за тоа што се случи.
По прашањето на изборите изрази задоволство што добил уверување од министерот за правда дека ќе ги спроведат препораките од ОБСЕ/ОДИХР што, вели, целосно го поддржува.
Се осврна и на работата на Собранието.
– За правилата во Парламентот морам да кажам дека ми се чини дека не беше мудро да се променат правилата во отсуство на една партија од Парламентот. Навистина со инцидентот на површина излегува еден сеопфатен предизвик кој се уште треба да го реши Собранието за постигнување доволна независност за да може целосно да ја повика на одговорност извршната власт, рече известувачот на ЕП.
Што се однесува до отстранувањето на новинарите и другите од јавната галерија на критичниот ден, според него, тоа е посебно прашање кое, вели, исто така има далекусежни последици, а кое што фрла сенка на претходната тркалезна маса со која се постигна напредок. Повторно повика одново да се воспостави таквиот дијалог.
– Верувам дека историската можност за земјата се уште постои на Европскиот совет во јуни, но она што ќе се случува овде во наредните неколку денови може да ги детерминира случувањата во Брисел во следните неколку години, порача Ричард Ховит.