Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на конвенцијата во Струга, на која партијата избира кандидат за претседател, повика на обединување на десното крило и на членството, со цел да извојуваат победа на претстојните претседателски избори, на кои, според него треба да победат Македонија и народот.
„Да ги обединиме нашите разлики, кои се премали во однос на цената за Македонија. Да креираме држава која ќе владее врз приниципите на правдата. Потребен ни е секој човек и затоа порачувам да се обединиме во еден опозициски фронт и да дојдеме до целта. На овие избори ќе му дадеме жолт, а на парламентарните избори ќе му дадеме црвен картон на Зоран Заев и на ненародната власт”, порача Мицкоски.
Тој се обрати и до пратениците и членовите кои што изминатиов период се дистанцираа од партијата.
„Свесно или несвесно тие стануваат слуги на Зоран Заев и на СДСМ. Спонзорирани се да изработат за свои интереси, по план смислен од Бихачка, со цел да го разединат десничарското јадро на ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема да успеете да го излажете народот. Вие ќе останете само слуги и хушкачи и ќе доживеете пораз на 21 април, а потоа и на 5 мај”, рече Мицкоски. Тој додаде дека нема да дозволат да бидат украдени изборите и дека нема да успее планот за бојкот, затоа што од Струга испраќаат масовна порака за сплотеност.
„Со име, образ и чест подаваме рака на сите оние на кои иднината на нашата земја им е над се. Ова е почеток на крајот и почеток на нова етапа од историјата на Македонија”, истакна Мицкоски.
На конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга, до вечер се очекува да го избере кандидатот за претседател од деветмината пријавени на конкурсот.
551 делегат има право на глас, а за да се избере во првиот круг, треба да гласат 184 делегати или една третина од нив.
Доколку ниту еден од нив не го освои потребниот број гласови, ќе се организира втор круг со двајца кандидати кои освоиле најмногу гласови. Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е со слоганот ,,За честита Македонија” и со него ќе ја водат претседателската кампања.
Габриела Димковиќ-Мишевска