Француската министерка за европски прашања, Натали Лоазо побара од Велика Британија да „побрза“ и да одлучи дали ќе ја напушти Европската унија без договор.
Министерката Лоазо во изјава за РТЛ вели дека е „време нашите британски пријатели да одлучат дали ќе излезат помирувачки или брутално“.
Според неа, ЕУ работела напорно на постигнувањето договор за брегзит со Владата на британската премиерка Тереза Меј и дека е „малку тешко да се сфати дека тие не можат да добијат одобрување за сопствените предлози“.
Меј вчера доживеа уште еден пораз во својата стратегија за брегзит, дополнително зголемувајќи го стравот дека нејзината земја може да ја напушти ЕУ без договор, што ќе биде проследено со воведување трговски тарифи.
Лоазо рече дека Британија „треба да побрза“ и да донесе одлука за сите луѓе и фирми погодени со брегзит.