Попоски-Лукшиќ: Македонија и Црна Гора делат идентични приоритети

Од:

Црна Гора и Македонија имаат традиционално одлични политички односи и идентични приоритети, но и многу поголем потенцијал за економска соработка, оценија во Скопје министерот за надворешни работи и вицепремиер на Црна Гора Игор Лукшиќ, шефот на дипломатијата Никола Попоски на заедничката прес-конференција.

– Динамично работиме на истите реформи за да напредуваме кон ЕУ интеграциите и побрзо пристапување во НАТО сојузот. Досегашното искуство на меѓусебна помош и поддршка во тој процес е добродојдено и тоа треба да продолжи, рече Лукшиќ.

Тој упати благодарносст кон Македонија за интензитетот на работата кога се во прашање регионалните иницијативи и како актуелен претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ со што, вели, придонесува за регионалната соработка и стабилноста на регионот.

Попоски како домаќин посочи оти со Лукшиќ имале дискусии отворени какви што се водат меѓу пријатели со особено внимание во делот на економската, регионалната соработка и политичките односи.

– Се согласивме дека имаме многу поголем потенцијал за економска соработка. Се обврзавме во наредниот период да организираме Мешовитата комисија за економска соработка и да се промовираме пред заеднички инвеститори и настап на трети пазари, рече Попоски.

Во делот на политичките односи констатирале одлична политичка комуникација и оти двете релативно мали и исклучително отворени балкански земји заедничките интереси и аспирации им се добар адут за зголемена комуникација на политичко ниво.

– Поставуваме добри стандарди за билатералните односи кои можеме да ги развиваме во регионот, а предизвиците со кои се сооочуваме се слични и имаме заеднички интерес да соработуваме во ЕУ и НАТО аспирации, истакна шефот на македонската дипломатија.

На новинарско прашање Лукшиќ рече дека се надева оти Македонија заедно со Црна Гора во ист ден ќе пристапат во членство во ЕУ.

– Лично би сакал Црна Гора и Македонија ист ден да влезат во ЕУ и НАТО. Со Македонија делиме заеднички предизвици, особено сето она што се случуваше на полето на европските и евроатлантските интеграции во последните 10 години. Црна Гора е благодарна на поддршката која Македонија и ја даваше и наша обврска е и ние исто така да постапиме кон Македонија. Наша порака е дека Западен Балкан мора да има своја перспектива во интеграциите. Околност е тоа што Црна Гора е единствена земја во моментот која го води пристапниот дијалог, со ЕУ од овој регион, но не сакаме тоа да биде така и наредните две години. Верувам и сите извештаи покажуваат дека Македонија е подготвена за отпочнување на процесот со Брисел. Сигурен сум дека времето од неколку месеци може лесно да се надокнади и Македонија да го фати чекорот во овие процеси, но тоа не смее да трае подолго, рече Лукшиќ.

Според Попоски, постои интерес особено за размена на дипломати и искуства во делот на економската дипломатија и праксата во поглед на реформите за членство во ЕУ.

– Од нас зависи каква визија имаме за соработката и за перспективноста на регионот и тука делиме иста визија, порача министерот за надворешни работи Попоски.

Црногорскиот министер за време на престојот во Македонија ќе биде примен и од претседателот Ѓорге Иванов, а ќе оствари средба и со премиерот Никола Груевски.

Би можело да ве интересира

МНР: На девет амбасадори им завршува мандатот, неточни се информациите објавени на дел од порталите

Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика, реагира Министерството за надворешни

МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска

МНР ќе бара објаснување од Србија зошто е протерана македонска државјанка од Белград

Горан Наумовски

МНР: Солидарни сме со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време