Косовскиот претседател, Хашим Тачи изјави дека Приштина би требало да даде дел од територијата како цена за конечен договор со Белград.
Тој ова го кажал на форум одржан во Советот за надворешни работи во Вашингтон, јави „Танјуг“ повикувајќи се на приштински „Газета експрес“.
„Ако мала корекција на границата е цена за конечен мировен договор, тогаш тоа ќе мора да биде прифатливо“, рекол Тачи и повторил дека езерото Газивода, Митровица и Трепча се ресурси за кои не се преговара.
Како што се наведува на сајтот на косовскиот претседател, Тачи рекол дека изгледа оти Русија е подготвена да прифати договор кој ќе го постигнат двете страни, истакнувајќи дека и Белград е заинтересиран за постигнување договор.
Тој додал дека главна цел на договорот меѓу Белград и Приштина е признавање на Косово и членство во ОН.
„Сеопфатен мировен договор меѓу Косово и Србија ќе донесе мир на Косово, мир и стабилност во регионот и ќе има улога во трансформирање на нашето општество“, посочил Тачи.