Граѓанско Демократска Унија реагира на лошите услови во амбулантата во Бутел. Според нив, жителите се лекувале во мизерни услови.
„Во овој зимски период, кога вирусите се во подем и се почесто сме принудени да побараме лекарска помош, општината Бутел на своите жители од населбите Радишани, Љуботенски Пат, Бутел и останатите делови, своите лекарски услуги треба да ги добијат во пристојни амбуланти.
Но наместо тоа жителите се приморани да се лекуваат во мизерни услови, дотраени објекти и без сопствена лабараторија, бидејќи нема услови за истото. Таков е примерот со амбулантата (ако може така да се нарече) поточно бараките на амбулантата во населбата Бутел во непосредна близина на новоизградената Општина.
Како претходната власт така и оваа, нема слух за решавање на тековните проблеми во општина Бутел. Претходната власт за нова Општина за администрацијата и градоначалникот, имаше пари, а за амбуланта која опслужува над 36.000 жители и која е изградена е во 1963 година, нема слух, барем за нејзино реновирање.
И така жителите додека чекаат ред за преглед, не знаат дали се надвор или внатре (при дожд покривот прокиснува, дува промаја од секаде) и дали се отидени да се лекуваат или доразболат!
ГДУ- Бутел прашува: До кога жителите на општина Бутел нема да ги имаат основните услови и човекови права за нормално функционирање?
Што е приоритет на општината, жителите или само и единствено удобноста на административците кои работат во самата Општина?“ , пишува во соопштението на – ГДУ.