Македонскиот сатиричар кој живее и твори во Делчево, Миле Ѓорѓијоски е добитник на наградата за најдобар странски сатиричар „Екселенција сатира“ во чест на српскиот писател Радоје Домановиќ.
Најважната награда од областа на сатирата ја доделува Здружението на српски писатели, а како што информираше Ѓорѓијоски, таа ќе му биде доделена на свечената церемонија на 22 февруари во Белград.
-Драго ми е што стручното жири одлучи јас да бидам добитник на оваа престижна награда. Признанието за мене ќе биде мотив уште повеќе да творам во годината која претстои. Ова е најважната награда за литературните сатири наградени во Србија. Освен мене оваа награда ја добија и Сергеј Сидоров од Русија од Русија, Христо Петрески од Македонија, Анџеj Мајевски од Полска и Драган Копривица од Црна Гора, информира Ѓорѓијоски.
Додаде дека за оваа награда одлучуваше специјално жири составено од еминетни имиња во српската литература како Радомир Андриќ, Милован Витезовиќ, Витомир Теофиловиќ, Раодослав Тилгер, Петар Жебељан, Слаѓана Митровиќ и Александар Чотриќ.
Освен оваа награда сатиричарот Миле Ѓорѓијоски досега во два наврати ја има добиено првата награда на Шабачката чивијада, добитник е на признанието „Златен круг” која се доделува за придонес во развојот на светската сатира, наградата „Наџи Наман Либан”, додека има добиено и Златна, сребрена и бронзена плакета за еротски афоризми. За истакнување е и втората награда на Јежев хумор за хумореска на годината.Член е на Друштвото на писатели на Србија, БАК Београд, куќата на културата Наџи Наман Либан, ЗНМ…
Ѓорѓијоски моментално е актуелен со книгата од едицијата Балканска сатира „Трагачи на Парадокси” која на 9 февруари ќе биде промовирана во Скопје.