Поранешниот претседател на Претседателството на СФР Југославија и некогашен близок соработник на Слободан Милошевиќ, Борислав Јовиќ смета дека со усвојувањето на Платформата и Резолуцијата за Косово, Србија конечно го направила првиот чекор кон дефинирање на својата позиција во разговорите со Приштина, но дека треба и да ги дополни со неколку конкретни барања што би довело до компромисно и одржливо решение за косовскиот проблем.
Јовиќ во авторски текст во денешниот број на весникот „Данас“, нагласува дека на тој начин би можело да се дојде до постигнување на „историски компромис меѓу Србите и Албанците“, што би обезбедило политичка стабилност на регионот на подолг рок.
Според него, доплнителните барања од српска страна треба да вклучат обезбедување средства од меѓунардоната заедница за „траен опстанок“ на околу 200.000 косовски бегалци, имајќи предвид дека има мали шанси за нивно враќање во Косово, како и склучување на посебен договор за северо Косово, со што „како што Србија би прифатила дека косовските Албанци сакаат да управуваат сами со себе, така и тие би требале да ја прифатат истата желба на Србите од северот“.
Јовиќ смета дека со компромисот би требало да се дефинираат и гарантираат правата на Србите во Косово, што би било потврдено со резолуција на Советот за безбедност на ОН, да се обебзеди автономија за српските манастири, да и се овозможи на Србија да го користи косовскиот лигнит и да се добие целосна гаранција на имотните права на физичките и правните лица.
Според Јовиќ, со слични предлози би требало да излезат и косовските Албанци, по што би се пристапило кон пронаоѓање компромис.
Србија треба јасно да си го каже своето и да стави до знаење дека е подготвена на компромис кој трајно ќе ги реши односите меѓу Србите и Албанците и ќе ги отстрани сите политички проблеми, смета Јовиќ, додавајќи дека за Белград не би било добро да инсистира на делумно и привремено решение на проблемот, бидејќи тоа може да доведе до трајно одржлива состојба која не би била во српски интерес.