Седницата на Комисијата за надворешни работи на која на дневен ред се тезите за завршен разговор пред стапување на должноста за десет амбасадори беше затворена за јавноста, со образложение дека станувало збор за класифицирани информации. Седницата ја водеше пратеничката Ивана Туфегџиќ, а претседателот на комисијата Антонијо Милошоски реагираше дека е прекршен Деловникот на Собранието.
-Никогаш не се случило во парламентарната историја во Македонија биографиите и тезите на амбасадорите да бидат класифицирани, а дел од пратениците и јавноста како даночни обврзници да бидат исклучени и да не знаат кого ќе го плаќаат и на кој начин ќе не претставуваат во светот, реагира Милошоски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт ја напушти седницата, а образложението на Туфегџиќ за затворањето на седницата е дека е на барање на МНР и дека била назначена за претседавач од страна на претседателот на Собранието.
Тезите пред стапување на должност пред Комисијата за надворешни работи денеска ги бранеа Оливер Крлиу, кој ќе биде амбасадор на Македонија во Мадрид, Игор Џундев кој ќе биде постојан претставник во меѓународните организации во Виена. На должноста вонреден и ополномоштен амбасадор треба да стапат и Горан Стевчевски во Унгарија, Ненад Колев во Виена, Абдулкадар Мемеди во ОАЕ, Сузана Зеленковска во Словенија, Рамадан Азифи во Германија, Крум Ефремов во Украина и Мира Крајачиќ во Шведска.
Галена Николовска-Ризвановиќ