Министерството за локална самоуправа, во соработка со УНДП, пристапи кон реализација на проектот за воспоставување центри за услуги во сите 80 општини. Станува збор за приоритет, што е еден од клучните и во новиот Акциски план за спроведување на владината програма за оддржлив локален развој и децентрализација за периодот до 2020 година, истакна денеска ресорниот министер Сухејл Фазлиу.
Посочи дека со поддршка на УНДП, подготвиле анализа што требало да им ја даде првичната слика за капацитетите и ресурсите со кои сега располагаат општините, за обемот и унифицираноста на административните услуги што ги испорачуваат, за функционалноста на центрите што на почетокот на процесот на децентрализација биле воспоставени во некои општини. Според него, во овој процес исклучително важна е соработката со Министерството за информатичко општство и администрација, што е одговорно за унапредување на административните услуги во државата и кое веќе работи на реализација на концептот- една точка за услуги.
– Следниот чекор би бил креирање на модел или модели на Центар за услуги што ќе ги опфати сите аспекти на процесот на административно работење, од предавање на барањето на граѓанинот се до крајната испорака на услугата. Притоа треба да се земат предвид користењето на нови технологии, како и различните капацитети на општините. Според добиените податоци, во 17 општини функционираат старите сервисни центри, што не значи дека станува збор за унифициран пристап во сите овие 17 општини, рече Фазлиу.
Крајната цел, нагласи, е единствен пристап во сите 80 општини, што ќе биде ефикасен, економичен, едноставен и пред се предвидлив за граѓанинот, со точно утврдени рокови и сосема јасен патоказ за начинот на испорака на административната услуга од надлежност на локалната самоуправа. Истакна дека тој пристап треба да овозможи и обезбедување на сите документи од други институции од страна на локалната администрација, што се неопходни за обезбедување на крајната услуга за граѓанинот.
– За реализација на еден ваков проект на општините им е потребна подршка од централната власт. Праксата покажува дека досега оддржливост имаат обезбедено само унифицираните системи за е-услуги што се креирани на национално ниво и ги користат сите општини, како што е електронскиот систем за издавање на дозволи за градење, за Б интегрирани дозволи, па и единствениот електронски систем за јавни набавки. Сите други обиди, парцијално секоја општина да ги подобри своите перформанси на овој план, не успеале да обезбедат оддржливост, истакна Фазлиу.
Додаде дека значително ќе се подигне квалитетот во испораката на административните услуги на локално ниво, но и ќе се стесни просторот за судир на интереси и корупција, што исто така е врвен владин приоритет, што уште повеќе ќе биде акцентиран со отварањето на преговорите на Република Македонија со Европската унија.
Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан рече дека граѓаните имаат поголеми барања во однос на услугите од централната и од локалната власт, отколку што тоа беше случај во минатото, не само во однос на нивниот квалитет, туку и во врска со начинот на кој тие се обезбедуваат, да бидат поиновативни, поинклузивни, потранспарентни. Потенцира дека тоа е барање и зголемени очекувања од страна на граѓанството од властите.
– Овој императив дава навистина еден многу добар контекст за дигитализирање на услугите и за воведување нови технологии во јавниот сектор и во услугите што тој ги дава. Главната работа ќе биде студијата за едношалтерскиот систем за пружање услуги на ниво на општините, додаде Сахакјан.
Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески рече дека идејата е да се искористат сите можности кои ги имаат на располагање, технологијата, особено дигиталната технологија, за да направат побрзи и поквалитетни услуги кон граѓаните. Посочи дека нивната определба е граѓанинот да биде во центарот на вниманието и на централната и на локалната власт.
– Само на еден таков начин со користење на модерните технологии и се она што го имаме на располагање во нудењето на услугите можеме тоа да го постигнеме, додаде Павлески.