Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се сретна со проектантот на салата „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан), истакнатиот македонски архитект, Трајко Димитров, кој припаѓа на првата генерација архитекти запишани на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје.
Општина Карпош ја започна иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, но овој процес се води темелно, со вклучување на повеќе засегнати страни, институции и личности кои придонеле во изградбата и афирмацијата на овој култен спортски објект.
Градоначалникот Богоев и архитектот Димитров разговараа за актуелните состојби со салата, при што, по доделувањето на објектот во владение на локалната самоуправа ќе се започне со подготовка на анализа за постоечката состојба.
Архитектот Димитров има богато исуство во проектирањето објекти од општествен карактер, со посебен акцент на спортски објекти како на пример базенот „Младост“, Кошаркарската сала „Работнички“ во Градски Парк и др. На средбата се зборуваше за начинот на кој е градена салата „Партизан“, квалитетот на градбата и функционалноста на објектот.
– Ова е начинот на кој треба да се пристапи кон ревитализацијата на старите и запуштени објекти дадени под концесија. Да ја вклучиме и стручната јавност, архитектите кои ги создавале овие важни објекти за Скопје. Од овие луѓе има многу што да научиме, како да се задржи автентичноста на овие култни објекти и како повторно да заживеат, рече Богоев.
Во текот на денешниот ден, во посета на Општина Карпош беа и претставници од меѓународната невладина организација „Културно ехо“, кои работат на проект за мапирање на запуштени објекти и иницијатива за нивна обнова.
„Партизан“ е токму таков пример. Тие со градоначалникот Богоев зборуваа за начините на финансирање на обновата на „Партизан“ и воспоставување партнерство со Општината за аплицирање на повик за добивање на средства за оваа цел.
Постои вистински ентузијазам и волја „Партизан“ повторно да биде успешна приказна.