Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) денеска соопшти дека ќе ги информира членовите во пензискиот систем за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата што ќе им бидат пренесени на нивните индивудуални сметки, вклучувајќи го и надоместокот за ненавремената исплата.
– МАПАС ја известува пошироката јавност дека потполно ја поддржува иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и во рамките на своите надлежности ќе соработува со надлежните институции заради заштита на интересите на членовите на пензиските фондови, се наведува во соопштението.
Инаку, денеска Министерството за труд и социјална политика достави кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство. Покрај пријавата, доставени се и сите документи од анализата на пензискиот систем со која се откриени неправилностите при распределбата на средствата.
Викендот на прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска обелодени дека на 12 илјади осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се во двостолниот пензиски систем, повеќе години не им биле префрлани средства во вториот столб.