Се кријат вакцините со погрешен датум кои треба да бидат уништени

Од:

Агенцијата за лекови и „Македонијалек“ ги кријат МРП вакцините со погрешен датум на декларацијата кои треба да бидат уништени. За да се расчисти дилемата во јавноста околу рокот на вакцината втиснат на шишенцата од производителот и наводно погрешната налепница од „Македонијалек“, „Макфакс“ побара да ги сними вакцините кои треба да се уништат. Снимање на лековите не дозволија ниту од Агенцијата ниту од „Македонијалек“, а од Министерството за здравство оставија можност тоа да биде направено во текот на утрешниот ден.

Директорот на Агенцијата за лекови Ќахил Ибраими во телефонски разговор кусо рече дека во депото на „Македонијалек“ каде што се чуваат вакцините со погрешен датум, пристап имале само инспекторите и побара барањето да му го испратиме на мејл, но сепак одговор на барањето не добивме.

Во „Македонијалек“ , пак, увозник на вакцината со погрешен датум, неколкупати побаравме да ги снимиме вакцините но одговорот од таму беше „ вашето барање е пренесено кај надлежните, ќе ве известат за одговорот“.

Министерот за здравство Венко Филипче уверуваше дека на секоја вакцина има воден жиг со рокот на траење кој кај спорните вакцини со погрешни декларации е до јуни и јули 2019 година, но во ниту еден наврат не покажа примерок од вакцината со различните датуми туку остави јавноста да верува само на неговиот збор. Тој објаснуваше дека пропустот го направил увозникот на вакцината кој на кутиите залепил декларација направена за претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година.

Најавата дека вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит) со погрешен датум на декларациите иако имаат важечки рок на траење, ќе бидат уништени, внесе нова паника и сомневања во јавноста. Граѓаните побараа одговор на прашањето зошто ќе се уништува лек за кој одговорните тврдат дека е безбеден и дека има важечки рок на траење.

Директорот на Агенцијата за лекови извести дека побарал од „Македонијалек“ вакцините да бидат уништени согласно Законот за лекови иако не прецизираше на кој точно дел од Законот се повикува.

Согласно член 106 од Законот за лековите и медицинските средства, лек се смета за неисправен ако рокот на употреба е истечен, ако органолептичките карактеристики се изменети (изглед, боја, вкус и мирис), ако пакувањето е оштетено, ако лабораториската контрола покажала дека не е во согласност со декларираниот квалитет и ако лекот е повлечен од употреба од која било друга причина.

Неисправниот лек, согласно Законот, се смета за отпад и се забранува неговиот промет. Отпадот на лекови се отстранува на начин со кој не се загрозуваат здравјето на луѓето и животната средина. Трошоците поврзани со отстранувањето на отпадот на лековите се на товар на сопственикот на отпадот на лековите, односно на правното или физичкот лице за кое е утврдено дека ги поседува. Поблиските услови за начинот на отстранување на отпадот ги пропишува директорот на Агенцијата.

Во случајов, нејасно е на кој дел од законот се повикуваат надлежните, со оглед на тоа што во случајов не станува збор за оштетено пакување, туку, како што тврдат од Министерството, за погрешна декларација, но во законот е оставена можност за двојно толкување.

Директорот Ќахил не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали испратил примерок од вакцината на анализа во некоја лабораторија за да го докаже дека е безбедна, и каква казна ќе добие „Македонијалек“.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

МЗ: Вакцина против сезонски грип примиле 50 илјади граѓани

А1он

Започнува вакцинацијата против сезонски грип

А1он

Потпишана Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата

Горан Наумовски

Донесена одлука за прием во детски градинки на деца кои примиле три дози ДиТеПер вакцина со задолжително примање ревакцина по шест месеци

Предраг Петровиќ

Невакцинирани деца не би требало да се вратат во градинка вели новиот министер за здравство

Манолева: Пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време