Сите заинтересирани пензионери до 15 февруари годинава можат да се пријават за користење на услугата бањско – климатска рекреација на корисниците за 2019 година.
Oваа услуга, како што информираат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, можат да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, кои живеат на територијата на Република Македонија.
Услугата може да се користи еднаш, во периодот од март до ноември 2019 година, во траење од седум дена и опфаќа шест полни пансиони, (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата бањско – климатска рекреација.
Лицата – корисници на пензија, кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило, имаат право на придружник за време на бањско – климатската рекреација.
Услугата може да ја користат корисници на пензија, чиј износ за ноември 2018 година изнесувал до 17.000 денари.
Бодирањето ќе се врши зависно од висината на пензијата, од 1 до 100 бода, при што, понискиот износ на пензија ќе носи повеќе бодови. Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија која се исплатува од друга држава, при бодирањето ќе се земе во предвид и износот на пензијата која се исплатува и од другата држава.
За користење на бањско – климатската рекреација, потребно е да се поднесе барање до филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава Филијалата/Деловницата на Фондот на ПИОМ.
Корисниците на пензија, кои од 2010 до 2018 година ја користеле услугата бањско – климатска рекреација, или бесплатен туристички викенд, не може да ја користат услугата бањско – климатска рекреација во 2019 година.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе го известат подносителот на барањето за установата во која ќе биде упатен и периодот на користењето на услугата.
Списоците на корисниците на пензија на кои им е одобрено користење на услугата бањско – климатска рекреација, ќе бидат објавени во филијалите и деловниците на Фондот на ПИОМ, како и на веб- страницата на Министерството за труд и социјална политика: www.mtsp.gov.mk и на веб- страницата на Фондот на ПИОМ: www.piom.com.mk.