Локалниот еколошки акционен план, ЛЕАП-2 за Општина Карпош за наредните шест години, односно за периодот 2019-2024, денес беше презентиран и усвоен од Локалниот комитет за изработка на овој план.
Тој ќе се најде на усвојување веќе на наредната седница на Советот на Општината, по што ќе се пристапи кон изработка на годишни акциони планови (за секоја година посебно) се додека се „исцрпи“ важноста на овој стратешки документ на локалната самоуправа.
На презентацијата присуствуваше и градоначалникот Стефан Богоев кој во оваа пригода истакна дека заштитата на животната средина, чистиот воздух, екологијата, не се тема која е актуелна само во зимскиот период, кога воздухот е најзагаден, туку е тема број 1. во сите општини и градови во Република Македонија.
– Ова, рече Богоев, беше клучна тема и во политичката битка на последните локални избори, а ние како Општина цврсто опстојуваме на заложбите за создавање еколошка општина и високи стандарди во спас и зголемување на зеленилото. ЛЕАП всушност е скенер на состојбите до каде сме на овој план, но и патоказ што треба да презмеме и што ќе преземеме во наредните години на планот на екологијата. Тоа би знаело добрите практики кои сега ги спроведуваме да ги задржиме и да ги имплементираме натаму, но и да воведуваме нови.
Богоев ги наброја неколкуте круцијални потези кои ги направи локалната власт во изминатата година и неколку месеци, а тоа се т.н. „зелена офанзива“ зголемување на меѓублоковското зеленило со над 300 нови садници. Општината прв пат лани воведе и додели субвенции за велосипеди, додека Градот работеше на обнова и зголемување на велосипедската инфраструктура, изградивме нов сквер во Тафталиџе и Нерези, а за поголема хигиена Општината воведе и ново работно време за хигиеничарите за викендите, кога и најмногу се собира смет.
Богоев го најави новиот парк кој ќе се гради наспроти Карпош 4, за чии зелени содржини ќе бидат консултирани и експерти од Шумарски факултет. Конечно, за зачувување на зеленилото во Карпош ќе бидат ангажирани дополнителни двајца комунални инспектори со поголеми овластувања. Инаку, според Богоев, на негово задоволство, овој пат, во креирањето на ЛЕАП- 2 учествуваа и граѓански здруженија, Коалицијата О2 и НВО секторот со конструктивни предлози.
Марина Филипоска од Секторот за енергетска ефикасност пред присутните во детали ја образложи содржината на овој стратешки документ кој треба да добие „виза“ од од советниците на Општина Карпош. Изработувач на ЛЕАП 2 за Општина Карпош се Градежниот институт “МАКЕДОНИЈА” АД СКОПЈЕ- ГИМ, МАНЕКО СОЛУШНС ДООЕЛ Скопје и Институтот за истражувања во животна средина, енергетика и градежништво-ИЕГЕ.