Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го посети денеска Чад поради официјално обновување на односите меѓу Израел и таа централноафриканска држава по речиси 50 години.
– Израел влегува во исламскиот свет. Тоа е резултат на значајните напори во изминатите години. Ние ја пишуваме историјата и ќе го направиме Израел растечка глобална сила. Продолжуваме кон врвот, до нови височини, истакна Нетанјаху, кој е прв израелски премиер што го посетил Чад.
Посетата на Нетанјаху на оваа земја е важен момент во неговата нова политика за барање нови сојузници меѓу државите во развој, кои во текот на историјата секогаш биле на страна на Палестинците во ОН и другите меѓународни организации.
Нетанјаху го поздрави „историски важниот исчекор“ во односите со Чад, каде живее муслиманско мнозинство и граничи со Либија и Судан.
До посетата на израелскиот премиер на Чад дојде откако претседателот на таа земја Идрис Деби го посети Ерусалим во ноември минатата година, а двајцата лидери разговараа за соработка во областа на земјоделството, антитероризмот, заштита на границите и технологијата.
Чад ги прекина односите со Израел во 1972 година под притисок од арапскиот свет, а е една од најнеразвиените земји во светот.