Центристичката грчка партија То Потами соопшти дека планира да ја поддржи ратификацијата на договорот за новото име на Македонија, објави весникот „Катимерини“.
По претпоставките за тоа дали и како ќе се изјасни партијата, То Потами официјално најави дека ќе го поддржи договорот.
Преку соопштение од партијата истакнуваат дека поддршката за преспанскиот договор не значи и поддршка за Ципрас, туку само за интересите на грчкиот народ.
„Нашето движење останува на позицијата дека спорот со ПЈРМ треба да биде решен и Грција треба да игра водечка улога во отворањето на европскиот пат за соседната земја“, се наведува во соопштението.
То Потами вели дека кога станува збор за националните прашања, не ја формираат позицијата врз основа на партискиот интерес ниту, пак, ги менуваат ставовите во зависност од подемите и падовите во даден момент.
„Имаме стабилни принципи, немаме идеолошки опсесии и не дејствуваме импулсивно“, експлицитно се наведува во соопштението.
Партијата има пет места во парламентот, кој брои 300 пратеници.