В сабота на 12 јануари, ден по изгласувањето на одлуката за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, шестиот број на „Службен весник“ за годинава ја објави промената на Уставот. Одлуката ја потпишал претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот.
Во Преамбулата на Уставот се бришат зборовите: „кaко и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите: „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите: „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите: „одлучија да“.
Со амандманот 34 се потврдува дека Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Со амандманот 35, Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ и правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Во амандманот 36 пишува дека Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.
Објавена е и одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Во личните документи и патни исправи на граѓаните, државјанството се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се пишува на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот и неговото писмо на тој јазик во сите закони.
Постојните официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, треба да се усогласат најдоцна во рок од пет години.
Усогласувањето на документите и материјалите наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе започне со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.
Васко Маглешов