Америка го има првиот национален тест на својата демократија откако Доналд Трамп ја напушти Белата куќа и неговите поддржувачи кренаа бунт во американскиот Капитол. Среднорочните избори ќе одлучат за контрола на Конгресот, како и за 36 државни гувернери – но, исто така, ќе бидат референдум за претседателството на Џо Бајден и ќе го означат стартот на трката за Белата куќа во 2024 година.
Еве зошто среднорочните избори се важни за некои од најголемите проблеми со кои се соочуваат САД – и светот:
Претседателските избори во 2024 година
Лудилото од шпекулации за претседателската трка во 2024 година веројатно ќе започне дури и пред да се стави и преброи последното ливче од гласањето во 2022 година. Среднорочните избори обично се гледаат како референдум за актуелниот претседател. Ако демократите претрпат големи загуби во Претставничкиот дом, Сенатот и кај државните гувернери, почнуваат проблемите за Бајден.
Може да има повици, особено од левицата, да објави дека нема да се кандидира повторно. Тој ќе наполни 80 години на 20 ноември и веќе е најстариот претседател кој ја презел функцијата во американската историја. На неговиот потенцијален наследник ќе му треба време да изгради политички бренд и да воспостави апарат за собирање средства. Но, не постои очигледен наследник и Бајден може да се повика на историјата: и Бил Клинтон и Барак Обама претрпеа порази на среднорочните избори во 1994 и 2010 година, а потоа се вратија и добија реизбор.
На републиканската страна, Трамп се соочува со тест за сопствената изборна одржливост. Евентуалните порази на кандидатите кои тој ги поддржа во државите како Аризона, Џорџија, Пенсилванија и Охајо може да ги поттикне попрагматичните републиканци да се запрашаат дали 76-годишниот поранешен претседател го претставува најдоброто од партијата во Белата куќа. Но, победите на кандидатите кои ја поддржуваат големата лага на Трамп за украдени избори, исто така, ќе предизвикаат стравови за самата демократија во 2024 година.
Украина
Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ги шокираше Американците. Осум месеци подоцна, повеќето Американци продолжуваат да ги поддржуваат напорите за помош на Украина, иако анкетите сугерираат дека војната – и пошироко надворешната политика – не е едно од главните прашања што го поттикнува нивниот глас во овој изборен циклус.
Сепак, среднорочните избори би можеле да имаат драматични последици за Украина. Републиканскиот лидер Кевин Мекарти, кој се надева дека ќе стане претседател на Претставничкиот дом доколку неговата партија ја добие контролата врз домот по изборите, рече дека Конгресот повеќе нема да „пишува бланко чек на Украина“. Тие коментари наидоа на силни критики од демократите и ги поделија републиканците.
Бајден, исто така, постојано зборуваше за војната во контекст на зголемувањето на цените на горивото, што најмногу ги загрижува гласачите, а што републиканците го користат за да ги нападнат економските политики на демократите. Како одговор, Бајден се обиде да го обвини рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека поскапиот бензин е цената на воведувањето санкции против Русија поради инвазијата на Украина. Американскиот претседател, исто така, тврди дека поддршката на Украина е клучна за одбрана на демократските вредности, кои се на удар во целиот свет.
За време на кампањата, се поголем број републиканци го критикуваа Бајден за испраќање помош во Украина додека Американците страдаат од висока инфлација дома, што е знак за поширока пукнатина во партијата поради војната. Во некои случаи, екстремно десничарските соработници на Доналд Трамп, како конгресменката од Џорџија, Марџори Тејлор Грин, дури ги повторија ставовите на Москва. Ваквите ставови се само малцинство во партијата, но доколку републиканците победат во Претставничкиот дом, членовите како Грин сигурно ќе видат како расте нивното политичко влијание.
Демократија
Неколку републикански кандидати кои се сомневаа во изборите во 2020 година се на работ да победат на изборите за гувернери, јавни обвинители и државни секретари во Аризона, Висконсин, Невада и други клучни држави. Сите тие играат улога во обезбедувањето дека гласовите се легално дадени и пребројани. Ако овие кандидати победат, тие ќе ги надгледуваат претседателските избори во 2024 година во нивните држави. Веќе постои длабока загриженост дека ќе ги искористат своите позиции за да посеат конфузија за да се обидат да го поништат резултатот од гласањето во 2024 година, одбивајќи да признаат кој било кандидат кој би го победил Трамп.
Џим Марчант, републиканец кој се кандидира за највисок изборен функционер во Невада, експлицитно рече дека ова е неговата цел: „Кога ќе бидам државен секретар на Невада, ние ќе го поправиме тоа, а кога мојата коалиција на кандидати за државни секретари низ целата земја ќе биде избрана, ќе ја поправиме целата земја, а претседателот Трамп повторно ќе биде претседател во 2024 година“, рече тој на митинг минатиот месец.
Во меѓувреме, ако републиканците ја преземат контролата врз Претставничкиот дом на САД, како што се очекува, изборното негирање ќе биде истакнато и меѓу неговите членови: 124 кандидати кои или ги негираа или се сомневаа во изборите се фаворити да победат во нивните изборни натпревари, според FiveThirtyEight. Републиканците би можеле да го искористат своето ново мнозинство за да започнат истраги, да одржуваат сослушувања и да шират дезинформации за изборите.
Победата на републиканците во кој било дом на Конгресот брзо ќе стави крај на сите шанси на демократите да усвојат каков било сојузен закон за гласачките права. Тој ќор-сокак во суштина би го зачувал статус квото уште најмалку две години. И покрај тоа што ги контролираа двата дома на Конгресот од 2020 година, демократите не беа во можност да усвојат никакво законодавство за гласачките права поради филибастеринг, процедурално правило во американскиот Сенат што бара 60 гласа за измена на законите.
Судство
Трамп назначи повеќе од 200 судии во федералниот судски систем за време на неговиот четиригодишен мандат – што веројатно е неговото најдлабоко наследство. Одлуките на судиите допираат милиони животи. Ова никогаш не беше подобро илустрирано како во јуни кога Врховниот суд – со тројца од девет судии назначени од Трамп – го поништи уставното право на абортус.
Бајден возврати. Од 8 август, тој назначи 75 судии во федералните судови, многу повеќе од Трамп или Барак Обама во истата фаза од нивното претседателствување. Меѓу нив имаше рекорден број жени и луѓе од малцинските заедници, особено Кетанџи Браун Џексон, првата афроамериканка која служи како судија на Врховниот суд.
Сето ова е овозможено од Сенатот под контрола на демократите. Доколку републиканците го освојат Сенатот, тие ќе имаат моќ да ги блокираат идните номинации на Бајден, веројатно принудувајќи го да избира „умерени“ кандидати со надеж дека ќе ги собере гласовите на републиканците. Демократите се сеќаваат како републиканците во Сенатот го замрзнаа испразнетото место во Врховниот суд во последната година од претседателствувањето на Обама и не му дозволија на Мерик Гарланд да има сослушување.
Истраги и комитети
Администрацијата на Бајден и демократските пратеници се подготвуваат за законодавна блокада и наплив на истраги. Ако републиканците го преземат мнозинството во Претставничкиот дом, една од првите задачи веројатно ќе биде прекинување на работата на избраниот комитет што го истражува бунтот од 6 јануари. Членовите на комисијата ја предвидоа оваа можност и настојуваат да објават целосен извештај за нивните наоди пред крајот на годината. Родни Дејвис, републиканскиот член во административната комисија на Претставничкиот дом, дури посочи дека има планови да ја истражи работата на избраниот комитет, кој постојано го привлекува гневот на Доналд Трамп од неговото формирање минатата година.
Таквата истрага би била само една од многуте истраги иницирани од републиканците во Претставничкиот дом, доколку ја преземат контролата. Републиканските лидери предложија да ги истражат прекуокеанските деловни зделки на Хантер Бајден, синот на претседателот, и повлекувањето на американските трупи од Авганистан минатата година, меѓу другите теми.
Агендата на републиканците во Претставничкиот дом може да вклучи дури и импичмент на актуелен член на кабинетот на претседателот. Повеќе членови на републиканскиот пратенички клуб повикаа на смена на Алехандро Мајоркас, секретарот за домашна безбедност на Бајден, поради начинот на кој Белата куќа управува со американско-мексиканската граница. „Ќе му дадеме на секретарот Мајоркас резервирано место за паркирање, а тој ќе сведочи толку многу за ова“, рече во септември републиканецот Стив Скалис.
Абортус
Одлуката на Врховниот суд да го отфрли случајот Ро против Вејд во јуни го катапултираше прашањето за абортусот на преден план и во центарот на неколку клучни изборни дуели. Резултатите од трката за гувернери особено би можеле да имаат директни последици врз иднината на пристапот до абортус, за што сега ќе одлучуваат сојзуните држави.
Демократите го направија абортусот суштински дел од нивната предизборна кампања поради бесот од пресудата – и настојувањата на републиканците за забрана на абортусот во државите – што поттикна политички реакции. Во неколку држави, бројот на жени кои се регистрираа за гласање се зголеми, а во конзервативниот Канзас, гласачите со големо мнозинство го отфрлија обидот да се ограничи правото на абортус.
Правото на абортус е на гласачко ливче во четири сојузни држави, и резултатите би можеле да бидат клучни за одредување на пристапот во целата земја. На федерално ниво, Бајден вети дека неговиот прв законски акт во новиот Конгрес ќе биде кодифицирање на правото на абортус, доколку Американците им дадат на демократите уште поголемо мнозинство овој ноември. Спротивно на тоа, некои републиканци рекоа дека ќе се залагаат за национална забрана на абортусот доколку нивната партија ја врати контролата врз Конгресот во ноември.
Гардијан