Дојче Веле, Бон
Подготвеноста на германските граѓани за вакцинирање е намалена на минимум од почетокот на епидемијата, а главната причина за тоа е стравот од несаканите ефекти.
Владата проценува дека треба да се вакцинираат две третини од населението за да ја добијат битката со пандемијата, пишува Дојче Веле.
Првата вакцина против коронавирусот, што веќе масовно се дава во западните земји, ја направија германски научници од „Бајонтек“ во Мајнц, а Европската агенција за лекови денеска треба да ја одобри за целата Европска унија.
Германија планира да почне со вакцинација веќе на 27 декември, но во моментов помалку од половина од Германците се подготвени да се вакцинираат, јавува Дојче Веле.
Според истражувањето спроведено во втората недела од декември, само 48 проценти од луѓето изјавиле дека сакаат да бидат вакцинирани, пренесува Мониторингот основан од Универзитетот во Ерфурт и Институтот Роберт Кох. Во нивната анкета, 40 проценти од луѓето рекле дека сакаат да почекаат со одлуката, а 11 проценти дека одбиваат да бидат вакцинирани.
Ова е драстичен пад на подготвеноста за примање на вакцината, во споредба со пролетта кога 79 проценти од Германците беа генерално подготвени да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна.
Оние кои се скептични или целосно одбиваат вакцинирање најчесто како причина ги наведуваат придобивките и можните ризици, како и дека не веруваат дека на транспаренетн начин биле обелоденети сите можни несакани ефекти.
Истражувањето на агенцијата Форс, спроведено на 15 и 16 декември, даде речиси ист процент како споменатото истражување.
Хамбуршкиот центар за здравствена економија минатиот месец ги спореди европските земји и заклучи дека Германија се движи во просекот – дека секаде опаѓа подготвеноста за вакцинација.
-Сега одлуката станува поконкретна, вели психологот Филип Шмид од Универзитетот во Ерфурт. „Кога луѓето зборуваат за тоа како да се однесуваат во иднина, тие имаат тенденција да преземаат повеќе ризици отколку со многу конкретни одлуки“, вли Шмид во интервју за Дојчландфунк. Во превод – прашањето за вакцинација сега е многу специфично, бидејќи вакцината е тука.
Дебатата се води и за уште едно истражување на две професионални здруженија на вработени на одделите за интензивна нега. Според него, на почетокот на декември, 73 проценти од лекарите и само 50 проценти од медицинските сестри и негувателките рекле дека сакаат да бидат вакцинирани.
-Многу сум изненаден што подготвеноста на медицинскиот персонал за вакцинација не е многу поголем и дека постои таква воздржаност, вели Карл Лаутербах, експерт за здравствена политика на германските социјалдемократи.
Во текстот на Дојде Веле се наведува дека на интересен начин до јавноста пристигнала проценката на официјален Берлин за тоа каков одговор очекува на вакцинацијата. Имено, на видеото на кое се гледа како канцеларката Ангела Меркел оди на седницата на Владата во средата, во нејзините раце јасно се гледаа листови хартија што можеби не беа за јавноста.
Тука се гледа дека властите проценуваат дека 69 проценти од луѓето на крајот ќе покжаат подготвеност да ја примат вакцината, но дека најголемата подготвеност од 80 проценти ќе биде во особено ранливите групи. Тука спаѓаат лицата постари од 70 години, пациенти хоспитализирани во болниците и домови за стари лица и медицински персонал.
За група деца под 12 години е наведено само дека ги има 9,9 милиони, но без проценка колку би биле вакцинирани. „Затоа, може да се претпостави дека Федералната влада не очекува оваа група да биде вакцинирана“, пренесува Велт.
Ако проценките на властите беа точни, на Германија ќе и беа потребни околу 90 милиони дози вакцина за да имунизираат 46,16 милиони луѓе. Германија во моментов има договори или преддоговори за вкупно над 300 милиони дози, но сите потенцијални производители се уште не ги минале клиничките испитувања и не се влезени во масовно производство.
Според проценките на германските научници, ефективната вакцинација на 65-70 проценти од населението би била доволна за да се победи пандемијата. Се повеќе се слушаат гласовите кои повикуваат на сеопфатна „кампања за вакцинација“ за да им се објасни на граѓаните придобивките од вакцината.
Пред неколку дена во Бундестагот, канцеларката Меркел повтори дека вакцинацијата ќе остане доброволна, но додаде дека ако оние кои не сакаат да се вакцинираат би биле над 40, 50 или 60 проценти, тогаш маските ќе мора да се носат многу подолго, бидејќи нема да се постигне имунитет на стадо.
Германија е во строга блокада од минатата среда, која ќе трае најмалку до 10 јануари.