Повеќе илјади учесници во протестите на „жолтите елеци“ денеска, 13 викенд по ред, излегоа на улиците во Париз, а некои од нив се судрија со полицијата, додека еден демонстрант изгуби дел од раката.
Полицијата соопшти дека еден демонстрант изгубил четири прсти, но не можеше да ги потврди информациите во медиумите дека бил повреден со експлозивна направа која полицијата, покрај солзавец, ја користи за да растера демонстранти.
Според Министерството за внатрешни работи, во цела Франција денеска имало околу 12.000 демонстранти, од кои 4.000 биле во Париз.
Сепак, неименуван извор од полицијата за некои медиуми изјавил дека нивниот број бил многу поголем, односно дека 21.000 луѓе учествувале во митинзи надвор од Париз.
Некои од учесниците фрлале со разни објекти врз безбедносните сили, биле запалени и еден скутер и полициско возило, а скршени се и излози на повеќе продавници.
Според локалните медиуми, полицијата користела пендраци и солзавец за да ги растера демонстрантите.
На демонстрантот кому му била повредена раката му помогнале болничари кои некои направиле „жив ѕид“ со цел медиумите и другите учесници во протестот да не можат премногу да му се доближат.
Според полицијата, десетина учесници во протестите биле уапсени по судирите со полицијата во близина на Елисејските полиња и Народното собрание.
Активистите на „жолтите елеци“, кои од ноември извадија стотици илјади луѓе на улица, сега се обидуваат политички да се организираат, но во движењето нема единство и немаат лидер.
Според официјални податоци, од почетокот на протестите на 17 ноември до сега повредени се 2.000 лица.
Во исто време, 10 лица загинале во сообраќајни несреќи поврзани со активностите на „жолтите елеци“.